Македонија
12. August 2021 - 10:19

Состојбата со Ковид-19 во Гостивар се влошува

Последните бројки од ковид статистиката за Гостивар се алармантни. Речиси десетина од активните случаи во земјава се на територијата на трите гостиварски општини. Во текот на вчерашниот ден регистрирани се 82 новозаразени. Од компликации со коронавирусот починале две повозрасни лица. Влошената епидемиолошка состојба во градот упатените ја толкуваат со непочитување на заштитните мерки, со оглед дека најголемиот број на новоинфицирани се од семејни кластери и прослави.

Од Министерството за здравство информираат дека во последните 24 часа во гостиварско имало 82 позитивни тестови на Ковид-19. Пријавени се две починати лица (67г и 72г). Во Гостивар има 370 активни случаи.

Зголемениот број новозаболени го потврдуваат и медицинарите во гостиварската болница. Раководителот на инфективното одделението д-р Ратко Наумоски вели дека нагло е пораснат и бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Одделението е речиси полно и се планира повторно отварање и прием на болни во модуларната болница.

Според клиничката слика, дел од нив добиваат кислородна поддршка, а има и случаи во потешка состојба и тоа се пациенти со други коморбидитети. Амбулантски прегледи минатата недела побарале четириесетина лица, а како што вели д-р Наумоски, карактеристично е што станува збор за помлади пациенти, главно под 35 години. Порастот на новозаболени, според него, е поради непочитување на мерките за заштита.

– Луѓето како да заборавија на носење маски, миење раце, одржување дистанца, иако пред два месеци предупредуваме. Сметам дека во голема мерка така е и поради укинувањето на рестриктивните мерки, нема никакви ограничувања. Во затворени простории, маска ретко кој носи, се одржуваат прослави на кои присуствуваат многу луѓе. Граѓаните без ограничување патуваат на одмори, а на граница за влез не се бара тест, потврда за вакцина, вели д-р Наумоски.

Влошувањето на епдимеиолошката состојба на подрачјето го зголеми и интересот за заштита со вакцинирање во регионот Гостивар. Дневно се аплицираат од 300 до 500 вакцини. Медицинскиот персонал работи во две смени од 8:30 до 18 часот. Минатата недела биле дадени речиси 2.500 вакцини.

Деновиве имаше редици пред пунктот за вакцинација. Од здравствен дом Гостивар, институцијата задолжена за спроведување на вакцинацијата против Ковид-19 велат дека се соочени со технички потешкотии во системот. Интернет врските и преоптеретеноста го прават нефункционален на периоди и го забавува работењето. Дополнително оптоварување е и тоа што медицинските власти го скратија рокот за ревакцина. Лекарите повикуваат на трпение.

– Имаме многу работа. Сега почнавме и давање на втората доза вакцини „Синовак“ и „Астра Зенека“. Иако овие пациенти беа закажани за септември, од Министерство го скратија рокот за ревакцина, па во исто време доаѓаат и тие кои се со термин и тие кои сакаат побрзо да се ревакцинираат. Сега и условите се потешки. Се водиме како четири пункта, но практично граѓаните ги примаме на едно место, па така во еден термин имаме четворица пациенти. вели Дафина Богданоска, одговорната докторка на вакционалниот пункт.

Таа појасни дека до скоро работеле во модуларната болница, но заради влошување на епидемиолошката состојба, просторот требаше да се ослободи и да продолжат во делот Здравствениот дом во делот за вакцинација.