Македонија
22. July 2021 - 8:51

Состојбата со коронавирусот во државата засега е стабилна, имунизацијата на населението се одвива непречно на сите пунктови

Продолжува трендот на намален број на новозаболени лица од коронавирусот во државата. Според вчерашните податоци објавени од Министерството за здравство, регистрирани се 15 нови случаи, а нема починати лица.

Во текот на деноноќието меѓу вторникот и средата направени се вкупно 2.550 тестови, а вкупниот број на активни случаи во државава вчера изнесуваше 234.

Министерството за здравство информира дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен,  вакцинирани се вкупно 467.822 граѓани.

Според податоците, досега прва доза примиле 3.686 граѓани, аплицирани се 760.961 дози вакцини и ревакцинирани се 293.139 граѓани.

Според последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 60 отсто од населението над 70 години, 58 проценти од граѓаните над 65 години, 53 отсто од оние над 60 години и 43 проценти од лицата над 50 години, информира Министерството за здравство.

Веб-страната vakcinacija.mk е отворена за закажување на термини за вакцинација на децата.

Додека состојбата со делта сојот во нашата држава засега е стабилна, Светската здравствена организација е загрижена за ширење на сите четири видови на вирусот. Од СЗО во текот на вчерашниот ден соопштија дека се зголемува и бројот на земји и територии каде циркулира многу заразниот делта сој на коронавирусот.

Ревакцинацијата во нашата држава продолжува да се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.