Свет
25. March 2020 - 17:21

Состојба со Ковид-19 во светот до 17 часот

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 441.372 луѓе заразени со новиот коронавирус. Смртни случаи има 19.766, а оздравеле 112.036 лица.

– Рускиот претседател Владимир Путин во своето обраќање до нацијата соопшти дека следната недела ќе биде неработна во целата земја како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Исто така, нагласи и дека референдумот за уставни измени ќе биде одложен, наместо закажаниот датум на 22 април ќе се одреди нов датум. Ќе работат само продавниците за храна, аптеките, здравствените установи, банките, транспортните компании, како и органите на власта.

– Лондонскиот суд го отфрли барањето на одбраната на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж да биде времено ослободен од затвор поради пандемијата на коронавирусот. Адвокатите побараа тој да биде ослободен под гаранција.

– Во Бангладеш е регистриран првиот случај на заразен со коронавирус кај државјанка на таа земја од градот Коксис Базар, во близина на бегалските кампови, каде се сместени повеќе од еден милион луѓе, соопшти УНХЦР.

– Турција ќе назначи нови 32.000 лекари и здравствени работници поради епидемијата од новиот коронавирус во државата, од кој досега починале 44 лица, а 1.872 се зарзаени, истакна министерот за здравство Фахретин Коџа.

– Украина планира да воведе вонредна состојба на територијата на цела земја во траење од 30 дена во борбата против ширењето на Ковид-19, истакна премиерот Денис Шмигал.
– Јавниот обвинител на Етиопија, Аданеч Абиебие изјави дека ќе бидат ослободени над 4.000 затвореници, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот во затворите во земјата. Со амнестијата нема да бидат опфатени затвореници осудени за убиства. Ослободените странски државјани ќе бидат екстрадирани во нивните држави.

– Германската Влада соопшти дека се збранува влез на сезонски работници од странство со цел да се спречи епидемијата од коронавирусот, со што потенцијално земјоделците ќе останат без работна сила за собирање на реколтата. забраната важи и за граѓаните од ЕУ. Околу 300.000 сезонски работници пристигнуваат во Германија секоја година, главно од Полска и Романија.

– Во Косово се потврдени 63 случаи на заразени со Ковид-19, од кои 28 се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а нивната состојба е стабилна.

– Во последните 24 часа во Белгија се регистрирани 56 смртни случаи и нови 262 заразени лица со новиот коронавирус. Вкупниот број во земјата досега изнесува 4.937 заболени и 175 починати.

– Холандија соопшти дека во последните 24 часа во земјата починале 80 луѓе од новиот коронавирус.

– Велика Британија подготвува тестови за коронавирус, кои граѓаните ќе можат да ги користат дома. Станува збор за 15-минутни тестови кои ќе се доставуваат преку Амазон до луѓето кои се веќе во самоизолација.

– Аеродромот Лондон Сити ги суспендира сите комерцијални и приватни летови до крајот на април

– Во Австрија за три дена двојно се зголемил бројот на починати од новиот коронавирус.

– Иран би можел да се соочи со втор бран на пандемија на Ковид-19, предупреди портпарол на иранската Влада, откако во земјата се забранети меѓуграските патувања и традиционалните собири во парковите за персиската Нова Година.