Свет
7. April 2020 - 13:00

Состојба со Ковид-19 во светот до 13 часот

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.359.010 лицa заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 75.901, а оздравеле 293.454 луѓе.

– Европската унија ќе обезбеди испорака на 40 респиратори за болниците во Босна и Херцеговина во текот на април заради борба против Ковид-19. Тоа е дел од првичниот пакет помош во вредност од седум милиони евра, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во Сараево. Во заедничката изјава на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, акредитирани во БиХ, беше истакнато дека Унијата во никој случај не ја скусила помпшта за таа земја, потребна за справување со пандемијата.

– Шпанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на починати од Ковид-19 во таа земја, во последните 24 часа се зголемил од 13.055 на 13.798 лица.

– Речиси 140 активистички и непрофитни здруженија ги повикаа Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка, владите на Г20 и приватните кредитори на сиромашните земји да им го олеснат товарот на долг за да им помогнат да ја преживеат кризата со пандемијата..

-Новозеландскиот министер за здравство се нарече себе си „идиот“ и понуди оставка откако ги прекрши строгите мерки за ограничено движење, воведени поради спречување на ширењето на пандемијата. Министерот Дејвид Клар изјави дека понудил оставка, откако признал дека со автомобил, со своето семејство, заминал на плажа, оддалечена 20 километри. – Во моменти кога бараме историски жртви од жителите на Нов Зеланд, јас сите ги изневерив. Бев идиот и разбирам поради што сите луѓе ќе бидат лути на мене, рече министерот. Засега останува на функцијата.

– Во Србија веќе нема да се практикува лекување од Ковид-19 во домашни услови. Сите заразени со коронавирус ќе мора да се лекуваат во ковид болниците или импровизираните болници во Белград, Ниш и Нови Сад.

– Во БиХ денеска стасаа нови 150 илјади тестови за коронавирус, набавени од Јужна Кореја. тестовите ги купи Федерацијата БиХ и ќе бидат распоредени по лабораториите во поголемите градови во тој ентитет.

– Финска ги засили мерките против коронавирусот и ги затвори границите до 13 мај, стравувајќи дека патниците од Шведска, каде нема ригорозни мерки, би можеле да го прошират вирусот во Финска, каде засега има 2178 заразени, од кои 27 лица починаа. Во Шведска се 7.206 лица заразени, а починаа 477 пациенти.

– Советот за безбедност на ОН в четврток ќе одржи средба за новиот коронавирус, прв на кој ќе се расправа за можните влијанија на пандемијата на меѓународната безбедност. Виртуелната средба ќе се одржи „зад затворени врати“.