Свет
5. April 2020 - 13:11

Состојба со Ковид-19 во светот до 13 часот

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.214.487 лицa заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 65.605, а оздравеле 253.626 луѓе.

– Речиси 60 војници се заразени со коронавирус во Србија. Во периодот од 13 до 16 март тие биле ангажирани за прием на луѓе кои пристигнувале од странство,појасни српскиот претседател Александар Вучиќ. – Тие примија тежок удар. Станува збор за десетици луѓе. Тогаш е јасно со што се соочувале. Им благодариме за тоа и се надевам дека ќе се опорават, рече Вучиќ.

– Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека постои можност Австрија, по Велигден, постепено да ги укинува мерките против ширење на заразата. – Австрија е на добар пат. Зад нас е долг пат, иако ние се уште не сме на врвот на епидемијата, но полека можеме да размислуваме за тоа како чекор по чекор да се намалуваат мерките, рече Курц.

– На подрачјето на Република Српска евидентирани се три нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, со што бројот на вкупно заразени се искачи на 302.

– Велика Британија очекува дека ќе го достигне врвот на епидемијата за десетина дена. Потоа кривата на раст би можела да почне да затапува, предвиде водечкиот епидемиолог Нил Фергусон. – Имаме одредени знаци дека епидемијата забавува, рече тој.

– Во Германија досега од Ковид-19 починаа 1342 лица. Во последните 24 часа починаа 184 заразени. Вкупниот број потврдени случаи се зголеми за 5.936 и сега изнесува 91.714 лица.

– Бројот на заразени на Нов Зеланд надмина 1000, а стапката на зараза е ниска во однос на другите мерки поради почитување на мерките за физичко растојание и изолација, соопштија здравствените власти. Во земјата досега се позитивни 1.039 лица, што е за 89 повеќе од вчера. Од заразените, едно лице почина.

– Индија, во голема мера, ќе го ограничи извозот на тестови за коронавирус со оглед на порастот на бројот на заразени и покрај строгите мерки. Во Индија веќе е воведена забрана за извоз на одредени лекови, респиратори, маски и друга заштитна опрема.

– Бројот на смртни случаи во Иран достигна 3.603, соопшти денеска Министерството за здравство. Во последните 24 часа починале 151 лице. Од земјите на Блискиот Исток, Иран е најтешко погодена земја со вкупно 58.226 случаи.

– Прв случај на коронавирус евидентиран во Јужен Судан, изјави денеска претседателот на таа африканска држава Ријек Маќар. Станува збор за 29-годишна пациентка, која на 28 февруари пристигнала од Етиопија и сега се лекува во изолација.

– Во Хрватска денеска починаа две лица заболени од коронавирус, така што бројот на починати се искачи на 14. Заклучно со вчера, во Хрватска има 1.126 потврдени случаи на збаолени од Ковид-19.