Македонија
2. October 2015 - 14:46

Состанок за заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро од УНЕСКО

Триесеттина претставници на УНЕСКО, на ЕУ, на работните тела од Проектот за заедничко управување со културното и природното наследство на охридскиот регион, како и на централните и локалните власти на Република Македонија и Република Албанија учествуваат на состанокот од Прекуграничната платформа за ставање на албанскиот дел од езерото под чадорот на заштита на УНЕСКО што денеска се одржува во Охрид.

Лидија Топузовска, генерален секретар на националната комисија на УНЕСКО ја нагласи подготвеноста на македонските институции да помогнат во процесот за и албанските институции од своја страна да ги преземат, како што рече „добрите така и негативните искуства, во нивните, но и заедничките активности насочени кон заштита на Охридското Езеро и регионот“.

- Ова не е почеток на соработката, веќе подолг период соработуваме со албанските колеги на речиси сите нивоа, со учество на националните комисии на УНЕСКО како интегрирачка институција. Кога станува збор за заштита на албанскиот дел од регионот, нашите совети се албанските колеги да размислат за опфатот на територијата што ќе ја номинираат како природно и културно наследство за заштита, рече Топузовска, притоа укажувајќи на македонските искуства по однос на тежината на контролирањето на толку голема територија, што во македонскиот дел зафаќа области на заштита во три општини и национален парк.

Синиша Шешум како претставник на УНЕСКО, укажа на неопходноста од воспоставување заеднички систем за заштита на Охридското Езеро и регионот, како културно-историско и природно богатство со светска особеност. Тој нагласи дека двете држави мора меѓусебно да си помагаат една на друга оттаму што не може да се штити едниот дел од Охридското Езеро, а преостанатиот дел да биде надвор од контрола. 

- Тука се штити мошне голема територија, многу фактори влијаат врз системот и мора заеднички двете држави да работат за да го заштитат езерото на вистински начин. Ова се разговори околу воспоставување механизам за заштита на Охридското Езеро. Актуелните проблеми со кои се соочува регионот се решливи, Владата на Република Македонија ги исполнува препораките на советодавните тела на УНЕСКО, така што засега не се соочува со некои поголеми проблеми, истакна тој.

За временската рамка предвидена со проектот на ставање на албанскиот дел од езерото под закрила на УНЕСКО, посочи дека преостанува уште период од година и пол до завршувањето на подготвителните активности околку изготвувањето на номинациското досие.

- Потоа истото ќе мора да биде евалуирано. Тоа е процедура што мора да се спроведе и впише, но имајќи ги предвид сите вредности на Охридското Езеро и регионот, не верувам дека ќе има проблем за проширувањето на подрачјето што би било заштитено од УНЕСКО, забележа тој.

На средбата стана збор и за главните фактори што неповолно влијаат на природното и културното наследство на охридскиот регион, пред се на прашањата на прекумерната и неконтролирана урбанизација, третманот на отпадот, како и прекумерното искористување и уништување на природните ресурси.

Според Сонила Кора од албанското Министерство за култура, одговорна за заштита на спомениците на културата, главниот проблем со кој се соочува албанската страна во делот на заштита на културно-историските споменици, претставува неконтролираната градба и урбанизација во заштитените подрачја.

- Во таа насока во јуни оваа година Владата на Албанија донесе одлука за прогласување на центарот на Поградец за заштитено подрачје од прва категорија, со строга контрола на градежните активности, потсети таа.

Две третини од поширокиот дел на Охридското Езеро што се на македонска страна од границата се впишани на листата на заштитени природни реткости на УНЕСКО. Овој проект има за цел да ги поддржи напорите на институциите на државата во изготвувањето на номинацијата за проширувањето на зоната на заштита на езерото од двете страни на границата.

Основите на активностите на регионално ниво насочени кон балансирана заштита на природните и културните богатства преку одржлив развој, воспоставени се уште во 2005 година, преку Билатераланиот договор за заштита на Охридското Езеро и неговиот слив. Проектот за Билатерална заштита е координиран од страна на УНЕСКО, во соработка со владите на двете држави, како и трите советодавни тела што произлегуваат од Конвенцијата на УНЕСКО за светското наследство. Тој е финансиран од Владата на Република Албанија, како и со значајна финансиска поддршка на Европската унија.