Македонија
5. December 2019 - 15:10

Состанок на Мицотакис со комесарите Схинас и Јохансон и министри од владата за миграциското прашање

Актуелната ситуација со бегалските бранови, заедничка европска политика за миграциското прашање и азилот, како и европската солидарност беа главните теми за кои стана збор на денешната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со европските комесари Маргаритис Схинас и Илва Јохансон, кои подоцна присуствуваа и на широк состанок во премиерската палата за миграциското прашање со учество на надлежните министри од грчката влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер на почетокот на средбата со Јохансон и Схинас рече дека е многу важно што ја одбрале токму Атина за нивна прва посета, но и дека е исто така многу важно што во продолжение ќе заминат за Анкара.

-Станува збор за прашање што има јасна европска димензија не е грчко – турско прашање, тоа е прашање што се однесува на Европската унија во целост. И навистина ја очекуваме вашата помош, вашата поддршка и конкретните предлози во однос на ова прашање, рече Мицотакис.

Схинас истакна дека е јасно дека треба да се започне од онаму каде што се наоѓа проблемот.

-Задоволство ние што имаме можност да разговараме со Вас и вашите министри за ситуацијата каква што е сега, но исто така и за перспективите за европската солидарност и договорот за азил што го подготвуваме. Нашата идеја е да разговараме за три прашања: договорот, елементот на солидарноста и ситуацијата каква што е денес и секако договорот меѓу ЕУ и Турција кој што е клучен за уредно управување со мигрантските бранови, рече Схинас.

-Ние ја имаме оваа многу тешка задача да ја деблокираме блокираната ситуација, да најдеме заедничка европска политика за миграција и азил. Секоја седмица што го немаме тоа, плаќаме висока цена, особено за земја како Грција, која е под голем притисок затоа што ова е европски проблем, не само проблем за Грција. Исто така и бегалците страдаат, но и заедничката доверба во унијата, истакна комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

По средбата на Мицотакис со Схинас и Јохансон, следеше широк состанок на кој присуствуваа и европските комесари и министрите од владата чии портфолија се поврзани со миграциското прашање.