Македонија
12. July 2016 - 20:36

Состанок на Груевски со градоначалници на повеќе општини

Инфраструктурни проекти, сообраќајни решенија, изградба на нови градинки, реконструкција и градба на нови основни и средни училишта, беа во фокусот на денешната средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со градоначалниците на општините Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чучер-Сандево, Радовиш, Кичево, Вранешница, Другово, Делчево и Неготино. 

На состанокот присуствуваа и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и претставник од Град Скопје. Се разгледуваше прогресот на решавање на барањата на граѓаните, кои произлегоа од теренските посети на општините низ Македонија. 

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски информира дека наскоро ќе почне да се гради нова градинка во Бардовци, на барање на жителите. Се работи на решавање на проблемот со водоснабдување во Горно Нерези. Констатирано беше дека е потребно да се реконструира водоводната мрежа, да се направат два нови резервоари и два нови бунари. 

Груевски укажа дека е потребно да се направи проект за да се види колку точно ќе чини.  

Жителите на Горно Нерези бараат и ново основно училиште бидејќи старото е руинирано. Јакимовски информира дека до 15 септември годинава се очекува градба на училиштето. 

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски информира дека голем дел од проектите ги работат заедно со Град Скопје, како изградба на канализација и асфалтирање на улицата „Црногорска“. Се работи на осветлување и проширување на повеќе улици, а за канализацијата на улиците „20“ и „22“, укажа дека им се потребни повеќе средства. 

Министерот Спасов соопшти дека на почетокот на 2017 година ќе се гради нова градинка во село Волково. Пронајдена е локација, а 50 отсто од средствата ќе обезбеди општината Ѓорче Петров, а исто толку и Министерството за труд и социјална политика. 

Заменик-министерот Ристовски нагласи дека е потребно изградба на ново средно училиште „Кочо Рацин“. Во 2017 година ќе се распише тендер за изработка на проектот на училиштето, а потоа ќе почне и градбата. Ќе се менува покривот на ОУ „Јоаким Крчовски“ во Волково, а ОУ „Тихомир Милошевски“ во Ново Село ќе се реновира. Се работи на обезбедување услови за ПОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром да добие деветтолетка. 

Во Стајковци, општина Гази Баба следната година ќе почне изградба на нова градинка. МТСП ќе го покрие опремувањето на градинката, а откупот на земјиштето и градбата на градинката е обврска на општината. За следната година е предвидено асфалтирање на споредни улички во општината. Градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски се осврна на индустриската зона Инџиково за која, како што рече, има голем интрес и е доста атрактивна.  - Триста хектари земјиште ќе се урбанизира, 60 отсто е приватно, а 40 отсто државно, рече Трајковски. 

Во општина Чучер-Сандево до крајот на годинава се очекува да почне градба на нова спортска сала. МОН во 2017 година ќе ја реконструира старата спортска сала во Кучевиште. Од август ќе се пушти во сообраќај пробна линија на ЈСП Скопје, на барање на жителите. 

Во Радовиш се реализирани повеќе проекти. Во село Ораовица во октомври ќе биде завршено детското катче, а до крајот на годината ќе биде готово мултифункционалното игралиште во село Подареш. Во август годинава ќе почне асфалтирањето на улици во Калуѓерица, а има интерес зрадата на старото училиште во Злеово и Покрајчево да се пренамени за конфекција. 

Во општина Неготино се реализирани повеќе инфраструктурни проекти, асфалтирани се повеќе улици и создадени се услови за полесно движење на лицата со посебни потреби. Утре ќе биде завршено асфалтирањето на новиот пат на Криволак во должина од 3 километри. 

Жителите на Вранештица бараат еднаш неделно да ги посетува доктор, а не еднаш или двапати во месецот. Во Другово решен е проблемот и веќе има обезбедено матичен доктор за населението. 

Во село Вирче, Делчево е завршена изградбата на канализацијата. Во ова село следната година ќе почне изградба на типизирано игралиште за баскет.