Бизнис
22. јуни 2019 - 16:53

Состанок на белгиско-холандската конституенца во Скопје за поправеден систем за сите

Потребни се реформи и вложување во образованието, подобро функционирање на институциите и полесен пристап до финансии за бизнисите, за да се постигне поправеден систем за сите. Ова се дел од препораките и заклучоците на состанокот на белгиско-холандската конституенца, што се одржува во Скопје, а се разговара на тема “Како до праведен систем за сите?”.

Според претставниците на релевантните меѓународни институции, напуштањето на рамниот данок и примената на прогресивниот е еден од начините да се постигне поправеден систем за сите.

Конституенцата на Светска банка по 15 години повторно се одржува во нашата држава. Претставува еден од најголемите финансиски настани, каде се присутни тројца потпретседатели на банката и повеќе од 70 високи претставници на централни банки и финансиски институции од 15 земји членки на белгиско-холандската конституенца.

Воведно обраќање на состанокот имаше и премиерот Заев.

“Успеавме да ја ставиме економијата на една забрзана трака на раст, кој во својата суштина и структура денеска претставува праведен реален економски раст на БДП. Од – 1.8% во 2017, растот на БДП во првиот квартал 2019 изнесува 4.1%. Ова е одлична база за уште повисоки стапки на БДП кои ги очекуваме во наредните квартали”, изјави премиерот Зоран Заев.

На ова реагираа од најголемата опозициска партија.

“Повеќе од 200 германски стопанственици во Македонија дадоа 0 оценка на власта во полето на економијата и порачаа дека зголемените даноци ги одвраќаат инвеститорите. Македонија блеска само во очите на криминалната власт, а во реалноста 500.000 граѓани едвај врзуваат крај со крај, 70% граѓани земаат плата помала од просечната, а дури 80% од младите сакаат што побрзо да ја напуштат државата”, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.