Македонија
10. July 2015 - 12:17

Соработка меѓу Македонија и Бугарија во областа на креативните индустрии

Културно-информативнот центар на Република Македонија во Софија денеска е домаќин на работна средба на претставници на министерствата за култура на Македонија и Бугарија, на тема ,,Културни и креативни индустрии и перспективи за соработка“.

Министерството за култура на РМ изминатите неколку години  е посветено на развојот на креативните индустрии и за таа цел е донесена национална стратегија и објавува конкурси за финансиска поддршка за проекти од оваа област.

Средбата со претставниците од бугарското Министерство за култура е можност за регионално поврзување/вмрежување, што би овозможило и полесно пласирање на регионалните и на глобалните пазари.

Директорот на КИЦ на РМ Васко Шутаров изјави дека целта на средбата е како да се претвори креативноста и иновативноста во економски потенцијал и можност за креирање нови работни места, што е  светски и, посебно, европски тренд.

- Искуствата од Европската унија кажуваат дека културните и креативните индустрии токму за време на економската криза се во најголем подем во креирањето нови работни места и се трета доходовна стопанска гранка во последните пет години, со повеќе вработени отколку во финансискиот и телекомуникацискиот сектор.  Во 2013 година, на пример, само во Велика Британија се отворени 150.000 нови работни места, а осум пороценти од вкупниот БДП на Британија доаѓаат од креативните индустрии со вработени два милиона луѓе, од кои 20 проценти се млади под 30 години, рече Шутаров.

Предноста на креативните индустрии е во тоа што се базираат на мобилност, флексибилност, иновативност. Искуствата, исто така, покажуваат  дека малите земји може да бидат компетитивни во трката заедно со поголемите земји, поради брзото прилагодување и побрзото поврзување на институциите, каков што е примерот со Словенија, Естонија и Малта.