Македонија
16. April 2019 - 16:28

Сопственикот на Делукс Aуто од Куманово тврди дека не е близок до власта

Немам никаква поврзаност со партијата на власт и никогаш не сум донирал пари во нивната кампања тврди сопственикот Делукс Ауто фирмата која во последниве 2 години доминира во набавката на автомобили за државните институции
Името на кумановската Делукс ауто, прв пат во медиумите почна да се врти кон крајот на 2017 откако набави 45 нови Шкоди за потребите на полицијата, без тендер, по пат на директно преговарање.

Според податоците од бирото за јавни набавки идната 2018, фирмата на Спасовски на државата и продала уште 30 нови автомобили, 5 пати повеќе отколку во сите претходни години заедно.
Добро оди бизнисот и оваа година, па за 4 месеци 20 автомобили од салонот на Делукс Ауто во Куманово заминале во гаражите на државните институции.
Спасовски вели дека ваквиот скок на продажбата се должи на квалитетот на неговите понуди и одлуките на конкуренцијата да не учествува на тендери.
Покрај продажба на возила, Делукс Ауто добива и тендери за нивно сервисирање, но Спасовски објаснува дека сумите на кои се склучуваат договорите се рамковни и дека најголемиот дел од нив воопшто не се реализираат.

Сител веќе објави дека дел од цените по кои државата ги купува автомобилите од кумановската фирма се повисоки од оние кои може да се најдат во каталогот на Делукс Ауто. Спасовски објаснува дека причина за тоа е фактот што заедно со автомобилот фирмата наплаќа и за негово редовно сервисирање во период од повеќе години, а често пати државните институции кои ги купуваат автомобилите во нив бараат да има дополнителна опрема како паркинг сензори, камери и екрани во боја.