Балкан
15. November 2018 - 9:38

Сопругата на Мета повика на протести за уривање на Владата на Рама

Лидерката на третата по големина политичка партија во Албанија, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) и сопруга на албанскиот претседател Илир Мета, Моника Круемади денеска од пристанишниот град Драч повика на „сенародни протести“ за уривање на Владата на премиерот Еди Рама.

Таа нагласи дека „единствениот пат за заминување на Рама се сенародни протести“, за што, како што рече, ЛСИ соработува со сите опозициски партии.

– Опозицијата е заедно против овој премиер. Политиката на Алијансата за преродба, предводена од социјалистите, во земјата посеа само сиромаштија и криминал, затоа единствен пат за заминување на премиерот Рама се сенационалните протести, порача Круемади од средбата со партискиот огранок за околијата Драч, на која присуствуваа и пратениците од  оваа изборна единица.

Според неа, зајакнувањето на Социјалистичкото движење за интеграција е гаранција за подобра Албанија „далеку од организираниот криминал и сиромаштијата“.

– ЛСИ им дава посебна улога на младите и на жените. Зајакнувањето на структурите на младите и жените се многу важни за спас на земјата од организираниот криминал, истакна Круемади.

Претходно, и потпретседателот на албанската опозициска Демократска парија, Еди Палока, пренесувајќи го ставот на здружената опозиција, изјави дека заминувањето на премиерот  Рама би бил „патриотски чин“, за што сите патишта, вклучувајќи го и насилството, се легитимни.

– Отстранувањето на Еди Рама на сите начини. Во една земја каде што веќе не постои демократија, каде што бандите презедоа се во свои раце, каде што раководи криминалот и каде не станува ни збор дека ќе има слободни избори, легитимни се сите начини. Денес заминувањето на Еди Рама е патриотски чин, изјави Палока.