Македонија
5. December 2018 - 11:39

Сообраќајна недисциплина по гостиварските сообраќајници, напишани 1.053 казни

 Сообраќајната полиција минатиот месец на гостиварското подрачје открила и санкционирала 1.053 сообраќајни прекршоци. Во 13 регистрирани сообраќајни несреќи нема загинати и тешко повредени лица.

– Во овој период биле контролирани вкупно се 2.246 возила. Откриените прекршоци заокружени се со 262 прекршочни, 448 мандатни платни налози, 30 писмени опомени и со 185 впишувања на негативни бодови. Поради констатирани прекршоци во овој период од сообраќај се исклучени 105 возила. Кај 45 констатирано е дека се технички неисправни, 50 со истечена регистрација, шест со претовар, а преостанатите поради други недостатоци, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

За непочитувањето на законските одредби, исклучени се и 135 возачи Од нив 95 биле без положен возачки испит, 29 почетници, 13 кои управувале под дејство на алкохол.

Во ноември годинава, по сообраќајниците низ гостиварско регистрирани се 13 сообраќајни несреќи. Во нив нема загинати и тешко повредени лица. Пет несреќи завршиле со исто толку лесно повредени лица (двајца возачи, двајца сопатници и еден пешак), додека во осум причинета е само материјална штета.

Како најчести причини за ноемвриските „сообраќајки“ се наведуваат неприлагодена брзина според условите на патот, неправилно вршење дејствие и непочитување првенство на минување.