Македонија
23. August 2019 - 17:08

СОНК најави предупредувачки штрајк - под знак прашалник е почетокот на школската година

Ќе почне ли новата учебна година навреме? СОНК даде рок од една недела Министерството за образование да најде решение за поголемо зголемување на платите на просветните работници. До први септември ќе преговараат, а доколку нема договор, наставниците и професорите на 2 септември, кога и треба да почне новата учебна година, ќе стапат во предупредувачки протест.

 Просветните работници на средба со министерот Адеми порачаа дека не се задоволни со висината на платите, бидејќи нивниот месечен надоместок е најнизок во јавниот сектор.

- Општа констатација на сите претседатели на регионални одговори кои што ги носат извештаите од записниците од синдикалните организации во нивните региони е дека членството на СОНК кое што е од дејноста образование апсолутно не е задоволно од висината на зголемување на платите за 5 отсто. За таа цел ние денеска разговаравме со министерот. Се надеваме дека ќе ги прифати впечатоците кои што беа многу искрени од сите дискутанти на денешната средба, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Наставниците и професорите бараат платите да се зголемат сразмерно со растот на минималната плата, односно за некаде околу 20 осто.

Министерот Адеми им посочи дека ќе се разгледаат нивните барања, но не сакаше да вети кога и за колку ќе биде следното покачување на платите. Сепак, одби да каже дали од најавениот ребаланс на буџетот, ќе бара повеќе пари за да можат дополнително да се зголемат платите.

- Дали заслужуваат повеќе сите вработени во дејноста образование? Секако дека да. Силно ќе работиме и за идно покачување на платите откако ќе имаме јасна слика со јасни податоци како стојат работите генерално во државата, рече министерот за образование, Арбр Адеми.

Еден од предлозите од синдикалците беше да се следи турскиот пример, и на квартално ниво платите да се зголемат по 5 отсто додека не се дојде посакуваната висина на платата.

СОНК заедно со Конфедерацијата на слободни синдикати во последните две години повеќе пати протестираа во повеќе градови барајќи повисоки плати.

Последен пат СОНК стапи во генерален штрајк во 2008. година и тој траеше две недели со позитивен исход.