Македонија
1. September 2019 - 19:10

СОНК го потврди штрајкот - МОН не гледа причина за штрајк

Почеток на учебна година, но без настава за учениците. Наставниците утре нема  да ги примат децата на првиот училишен ден, велат од Синдикатот за образование, наука и култура, најавувајќи го утрешниот предупредувачки штрајк, незадоволни од покачувањето на платите за пет отсто.

СОНК бара платата за наставниот кадар да биде зголемена до 25%, колку што е покачена минималната плата во земјава во последните четири години. Велат дека преговорите со Министерството не вродиле со плод, со што се става во сила одлуката на Советот за еднодневен предупредувачки штрајк.

Кон штрајкот ќе се приклучат и оние кои не се членови на Синдикатот, бидејќи законот тоа им го дозволува, информираше Неделков. Обелодени и дека до нив стигнале и пријави за притисоци врз наставниците.

За ресорниот министер, пак, учебната година почнува утре. Повика да не се штрајкува кога веќе има одлука за поголема плата.

Во изминатите неколку дена најзбунети беа родителите. Бараат квалитетно образование за нивните деца, но и продуктивно поминато време во вториот дом за нивните деца. Тие, пак, со радост го очекуваат училиштето.

Од СОНК упатија апел до родителите за разбирање. На прашањето дали да ги носат децата утре на училиште, од Синдикатот со одговор – ние немаме надлежност повикуваме за такво нешто, но не гледаме поента учениците да одат на училиште кога не се одржува настава.