Македонија
9. April 2016 - 16:20

СОНК бара извинување од Заев и го повикува да делува со програма и тоа на изборите на 5. јуни

СОНКнк бара извинување од лидерот на опозицијата. Во соопштението испратено до медиумите  Самостојниот синдикат за образование, наука и култура изразува зачуденост за изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев кој ги повика синдикатите во народен фронт и бараат да престане да се меша во работата и делувањето на синдикатите во Македонија. Посочуваат дека на  работниците им се потребни проекти и просперитет а не бојкот и деструкција.

-Изјавата на Зоран Заев е невиден преседан во политичкото делување, не само во нашата држава, туку и пошироко во демократска Европа. Преседан, кој не се случил уште од времето на болшевизмот. Го потсетуваме дека синдикатите, како организации кои постојат во сите демократски држави во светот, имаат своја област на делување, која воопшто не е партиска политика, а со највисоките меѓународни документи на Обединетите нации, како и со Уставот и законите на Република Македонија е загарантирана нивната слобода на организирање и нивното слободно делување во делот на правата од работниот однос. Согласно Кривичниот законик на Република Македонија, мешањето во нивното работење и делување претставува кривично дело, стои во соопштението.

Од СОНК велат дека со изјавата на Заев се направени тешки повреди на повеќе закони. Со повикот до просветните работници директно се крши со закон забранетото политичко делување на вработените во образовниот сектор.

Посочуваат дека за незаконското  делување на лидерот на опозицијата  ќе ги известат сите синдикални организации на европско и светско ниво во коишто членуваат .

- Ние како синдикални претставници, очекуваме тој да ги преземе обврските кои ги има преземено со договорите потпишани со посредство на меѓународните претставници. Затоа апелираме наместо со насилство и протести на кои ги повикува и синдикатите, да се обиде да ја добие поддршката на граѓаните по демократски пат, на изборите кои се закажани на 5  јуни, се вели во соопштението од СОНК.

Според СОНК Заев е еден од најодговорните учесници и иницијатори за кризната состојба во која се наоѓа земјава и од него се очекува поодговорно однесување, кое ќе придонесе за излез од сложената ситуација.