Македонија
15. November 2018 - 13:58

Сончеви колектори во Македонија само 0,02 метри квадратни по жител

Искористувањето на сончевата енергија во Македонија до овој момент е на најниско ниво во споредба со европските земји поради многу ниските субвенции од 100.000 евра и неадекватната законска регулатива за нивна распределба, смета здружението „Солар Македонија“.

Како што изјави претседателот на здружението Илија Насов пред денешната панел-дискусија на оваа тема, во земји со драстично помало зрачење од она што го има Македонија, искористувањето на сончевата енергија е 40 – 60 пати поголемо.

Засега, четири компании кај нас се занимаваат со производство на сончеви колектори и сите имаат атест за квалитет, но речиси ниту една не добива субвенции.

Мора да се обезбедат поголеми субвенции, а нивната распределба да биде соодветна, потенцира Насов. По принципот на Шпанија, Австрија и други европски земји, дополни, треба да се воведе и обврска – ако некој прави нов објект, да каже како ќе се добива енергија.

- И покрај најдобрите услови, а тоа е соларно зрачење од 1.500 – 1.600 киловат часови на метар квадратен или 30 отсто подобро од Австрија, имаме 50 пати помало искористување на сончевата енергија. Имаме 0,02 метри квадратни инсталирани колектори по жител. Замислете колку е тоа малку. Австрија и Грција имаат по околу 0,65 инсталирани метри квадратни соларни колектори. Проблемот е во законската регулатива и недоволните стимулативни мерки кои треба да бидат воедно и облигаторни. Добивањето субвенции не треба да биде по пат на лотарија. Субвенциите засега не одат кај македонските производители. При аплицирањето тие немаат можност да добијат зашто цената е адекватна на квалитетот. Околу 5.000 – 6.000 фирми или поединци аплицираат годишно, а добиваат 500 од кои секој по 300 евра. Тоа не е малку, но ако биде регулирано на адекватен начин, законски, а не секоја година да се носат одлуки, истакна професорот и додаде дека не може загадувачот на воздухот да има исти обврски како некој што добива енергија од обновливи извори.

Според него, огромен е интересот кај приватните корисници за поставување сончеви фотоволтаици на нивните кровови. Од она што досега се предлага, четирикиловатни ќе бидат максимум стимулациите за приватни фотовалтаици, а 20 киловатни за инсталираните од компаниите.

На панелот беше промовиран и новиот хибриден колектор што дава и електрилна и топлинска енергија.