Македонија
24. April 2020 - 16:52

Сомнителни тестови, или сомнителни тестирања? Како кумановскиот градоначалник е негативен на Ковид-19?

Кумановскиот градоначалник нема Ковид-19 според резултатите од трите тестирања што на сопствена иницијатива пред два дена ги направил во приватни лаборатории во Скопје. Инаку Максим Димитриевски и уште неколку членови на кризниот штаб се во карантин бидејќи минатата недела тестовите покажаа дека се заразени со корона вирусот и тоа лично тогаш го соопшти и Димитриевски. Првиот човек на Куманово во изјава за Сител тврди дека ги запазил протоколите за безбедност на движење и уредна пријава на 192. Освен во лаборатории, го посетил и инфективното одделение во кумановската болница каде бил прегледан.

-Тестовите не ги коментирам, ќе ги почитувам сите процедури и ќе останам во самоизолација. Најавено ми е дополнително тестирање во следниот период кога повторно на сопствен трошок сакам да направам дополнителен тест, вели Димитриевски за Сител.

Градоначалникот на Куманово вчера разговарал и со министерот за здравство од кого добил ветување дека денеска ќе добие објаснување за целиот случај, но како што вели се уште никој ништо не го известил.

Дали Димитриевски веќе го прележал корона вирусот без никакви симптоми, или, пак постои сериозен пропуст во начинот како и квалитетот на тестирањето што го спроведуваат здравствените власти, се најчестите прашања со кои овие два дена се преплавени социјалните мрежи. Министерот за здравство со уверување – материјалите што ги користат се одобрени од СЗО.

-Тестовите се одобрени од СЗО а кај одредени тестирања може и да дојде до негативизирање на резултатот, во зависност од тоа и кога настапила заразата, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Димитриевски најави дека ќе остане во самоизолација, а директорката на ДСЗИ вели дека неможе да дојде до укинување на решението кое е до рок од 14 дена.

-Лицето кое има решение од ДСЗИ останува во изолација од 14 дена, вели др. Ирина Бухова, директор на ДСЗИ.

За денешниот вонреден инспекциски надзор во Куманово, министерот за здравство најави дека ќе информираат во текот на утрешниот ден, додека пак, контролите за прес конференцијата на кумановскиот градоначалник каде беше и половина државен врв покажала многу пропусти и тој извештај е предаден во МВР.