Македонија
18. September 2020 - 21:31

Сомнителни случаи одбиваат тестирања и самоизолација, драматичен раст на коронавирусот на истокот

Денешната ковид статистика е повторно поразителна за истокот од државата. Изминатите 24 часа во Струмица има 15 новозараени иако изминатите месеци овој регион беше со најниска стапка на позитивни случаи. Алармантно е и во Кочани со 13 новозаразени денеска а вчерашниот билтен беше со 17. Кочанскиот градоначалник вината ја лоцира во непочитувањето на мерките и освен денешниот апел до неговите сограѓани, во понеделник ќе заседава и кризниот штаб.

-Состојбата не е да речеме излезена од контрола, но е загрижувачка. Непочитувањето на мерките доведоа до оваа состојба и затоа побарав од граѓаните максимално да се придржуваат до мерките оти само така ќе се избориме со тоа. Ригорозни мерки не може да донесе штабхот, но може да има позасилени инспекции со казнување за да се почитуваат мерките, вели Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Во Делчево ситуацијата е позагрижувачка од Кочани каде освен непочитување на мерките, проблем се и сомнителните случаи кои одбиваат тестирање. Од градот во Пијанецот во моментот има 73 активни случаи од кои дваесетина се на болничко лекување. Вчера имаа црн биланс со тројца починати во едно деноноќие.

-Состојбата не е добра, освен мерките нас проблем ни е и што кај оние што се заразени, нивни фамилии и покрај тоа што матични им закажуваат тестирање не одат, одбиваат. Потоа имаме ситуација да дојдат позитивни во тешка состојба и ги праќаме на болничко лекување во штипското инфективно одделение и на скопските клиники. Има тестирања, многу се негативни но и многу има позитивни, вели др. Марија Глигоровска, директор на Здравствен дом Скопје.

Секој ден новозаразени се регистрираат и во Виница, Радовиш и Берово. Меѓу позитивните изминатиот период има и медицински лица и вработени во воспитно образовни установи. Според статистиката, во моментот нема град во државата каде нема активни случаи на Ковид 19.