Македонија
10. August 2016 - 15:09

Солистички концерт на турскиот пијанист Фазил Сеј на „Охридско лето“

Сцената на катедралната црква „Света Софија“ вечер е резервирана за концертот на една од најголемите ѕвезди на годинашното „Охридско лето“, неповторливиот турски пијанист Фазил Сеј кој првпат ќе настапува во Македонија.

- Маестро Сеј е голем уметник, маестрален пијанист, но и познат композитор, чии концерти според критиката се особено уживање, многу отворени со непосреден контакт на уметникот со публиката. Длабоко верувам дека фестивалските гости вечерва ќе имаат ислучителна можност да уживаат во врвен музички настан, рече Гордана Јосифова-Неделковска, селектор на музичката програма на „Охридско лето“.

Маестро Сеј од своја страна изрази задоволство што е во Охрид, каде ќе настапува на толку познат фестивал на кој секоја година гостуваат најдобирте светски уметници.

- Ова е прв мој концерт во Македонија. Вечерва ќе свирам соло-пијано рецитал, класични но и џез-композиции, дела на Моцарт, Дебиси, Гершвин, како и мои авторски творби, џез-аранжмани кои се одлично прифатени од публиката, рече Сеј, најавувајќи го вечерашниот негов настап на „Охридско лето“.

Со својот извонреден пијанистички талент, Фазил Сеј ги воодушевува слушателите ширум светот повеќе од 25 години. Неговиот репертоар е разновиден – почнувајќи од делата на Бах, преку виенските класичари и делата од романтизмот, сè до современата музика, вклучувајќи ги и композициите што ги пишува тој.

Од 2005 до 2010 година, Сеј се наоѓа на местото матичен изведувач (artist in residence) во Dortmund Kozerthaus, во сезоната 2010/2011 истото место го држи во Berlin Konzerthaus, а во сезоната 2012/2013 во Hessischer Rundfunk во Франкфурт. Во 2014 година, повторно се наоѓа на местото матичен изведувач, но овој пат на Boodenseefestival, а оваа сезона истото место го држи во Alte Oper во Франкфурт. Често е присутен и на фестивали во Германија, Франција, Јапонија, Турција и многу други земји.

Не е помало значењето ни на композиторската дејност на Фазил Сеј. Досега тој има напишано повеќе дела,  за разновидни состави – соло инструменти, камерни дела, како и дела за поголеми состави.

Снимил повеќе компакт-дискови со дела од Бах, Моцарт, Бетовен, Гершвин и Стравински, кои се високо оценети од критиката и за кои има добиено неколку награди, меѓу кои и престижната „Echo Klassik“ награда (три пати). Во 2014 година издава компакт-диск со дела од германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен - Концертот за пијано бр. 3 и Сонатите оп. 111 и „Месечевата“ оп. 27/ 2. Истата година го издава и компакт-дискот насловен „Сеј го свири Сеј“, каде што, како што кажува и самиот наслов, свири свои композиции.

По настапот на „Охридско лето“, Сеј ја продолжува неговата европска турнеја со концерти на познати фестивали во Германија, Швајцарија.

Почетокот на концертот во Охрид е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.