Македонија
15. March 2018 - 13:01

Солев и Илиевски дадоа свечени изјави како нови членови на Советот на обвинители

Новизбраните членови на Советот на јавни обвинители Ангел Солев и Ангеле Илиевски, кои денеска дадоа свечена изјава во Собранието, истакнаа дека ќе се залагаат Советот да работи исклучиво согласно законските овластувања и надлежности. Солев и Илиевски претходно работеле како адвокати. Солев до 2007 година работел и во судството. 

- Се надевам дека довербата што ни е укажана ќе ја оправдаме, а тоа значи дека ќе работиме според законот. Тоа што сме биле адвокати на разни наши клиенти вклучително и политичари и лица кои сега се во Владата или на некоја друга државна функција, тоа е дел од нашата клиентела. Тоа не го сметаме како никаков хендикеп за следнава работа. Се надеваме дека ќе ја вршиме исклучиво според законот, изјави Илиевски. 

Посочи дека бил член на правниот совет на СДСМ, но таа функција му престанала на денот на изборот во Советот на јавни обвинители. 

- Сега веќе не смеам и по законот за обвинители да имам ангажман во партијата од која што јас сум практично предложен. Сега тоа што ќе ме води е исклучиво законот, тврди Илиевски.  

Кажа дека веќе ги согледува нерешените проблеми во Советот и дека ќе се обиде во најкраток можен рок малку да ја заживее оваа фела на обвинителството.

Неговиот колега Солев вели дека како нов член на Советот не е целосно запознаен со ситуацијата во Јавното обвинителство, не оправдува избор на обвинители кога се кршат и моралните и законските права, а ќе побара да се направат објективни критериуми за избор на обвинители во основните и за напредување во вишите обвинителства. 

- Тоа значи да се бараат поединечни резултати на секој обвинител, секој месец што сработил и да се намали субјективниот елемент во одлучувањето, рече Солев.

Запрашан за наводите за негова поврзанот со владејачката партија СДСМ, Солев кажа дека никогаш не бил член на ниту една политичка партија бидејќи поголемиот дел од работниот век го поминал во судството односно до 2007 година. 

- Од тогаш како професионален адвокат не сум бил член на ниедна политичка партија и немам ниту една политичка активност. Како адвокат биле побарани правни мислења понекогаш од адвокатскиот тим на СДСМ коишто како правен стручњак сум ги давал, но никогаш не сум бил член на ниту една партија и не сум учествувал во телата на ниту една политичка партија. Во Советот исклучиво професионално ќе си ја работам работата. Кога сум бил претседател на судот две години биле СДСМ на власт, две години ВМРО-ДПМНЕ. Немало никакви забелешки за моето работење. Ќе гледам моите одлуки да бидат правно засновани, рече Солев.