Свет
26. July 2016 - 11:29

„Солар Импулс 2“ успешно го заврши патот околу светот

Авион на соларен погон „Солар Импулс 2“ денеска го заврши својот историски пат околу светот, слетувајќи во Абу Даби, со што стана прво летало што ја обиколи Планетата без капка гориво.

Авионот го започна својот лет околу светот на 9 март минатата година од Абу Даби, каде и слета рано изутронава, пречекан со аплауз и извици на одобрување.

Швајцарскиот истржувач и директор на проектот „Солар Импулс“, Бертран Пикар го управуваше соларниот авион на последната етапа на летот што траеше 48 часа од Каиро, преку Црвеното Море и саудиската пустина, до Абу Даби на брегот на Персискиот Залив.

Авионот во текот на својот лет околу светот мина импресиовни 43.000 километри и прелета четири континенти, два океани и три мориња. Летот траеше ефективно 23 дена, при што не бепе потрошена ниту капка гориво, туку авионот цело време леташе на соларен погон.