Македонија
22. July 2020 - 14:07

Соколов: ВМРО-ДПМНЕ се чисти од неславниот багаж – Мијалков работи по диктат на Заев

Лично Зоран Заев ги оркестрира сите напади против актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ од страна на структури блиски до екс шефот на УБК, Сашо Мијалков пишува на социјалните мрежи секретарот за дијаспора и координација со задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Соколов. 

Според него, намерите на Мијалков и луѓето кои што ги контролира се да се упропастат шансите на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на новото собраниско мнозинство.

„ Очигледно ваквите хорски напади кон ВМРО-ДПМНЕ, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ - Христијан Мицкоски имаат еден диригент а тоа е Зоран Заев. Исто така очигледно е што ваквите напади доаѓаат во време кога ВМРО-ДПМНЕ прави напори за обезбедување на мнозинство во парламентот што очигледно укажува дека мотивите зад сето тоа се шансите за тоа, мали или големи да бидат упропастени. Клиентелистите во политиката и слугите на Зоран Заев служат за димна завеса да ги покријат неуспесите и да го отргнат вниманието од вистинските фијаска кои секојдневно и се случуваат во реалноста. Убеден сум дека сите оние слуги на Заев уцените и клекнати на колена кои мора сега да одработуваат за него по кампањата добиваат име и презиме“ – пишува Соколов на Facebook.

Соколов прашува, каде беа овие поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 3 години.

„Е сега вистинското прашање е каде беа овие три години да кажат збор за штетните политики на Заев, а во исто време се подготвени гласно да коментираат за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ. За нив ова не е никаква борба за принципи, туку борба за спас на криминално стекнатото богатство и купување на слободата. Интересно е како “доктор смрт” и “главната глава на режимот” станаа најпосакуваните ликови на Зоран Заев. Имено ќе потсетaм дека господинот Мијалков со државна плата дојде до супер луксузен хотел во центарот на Скопје. Интересно е да одговори која е таа сила која му овозможува закрила и мистериозно ги става во фијока сите предмети кои се отворија против него?! Дали тоа што е најдобар другар со Вице Заев му овозмозува купување на слободата. И да не ја залажува јавноста, на Мијалков му е важно ЕУ и НАТО, колку што на Пабло Ескобар му биле важни демократијата и принципите. Добро е што со ваквите хорски напади под дирегентската палка на Заев се последниот крик на печалбарите во политиката и што ВМРО-ДПМНЕ се прочистува од неславниот багаж зад себе.“ – пишува Соколов.

Реакцијата на Соколов следи откако само вчера и денеска неколку поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ речи си истовремено на социјалните мрежи и во медиумите побараа оставка од Мицкоски. 

Градоначалникот Митко Јанчев имаше интервју за бугарски медиум, екс министерот за надворешни работи Никола Попоски по неколку години молк се јави со колумна, Мијалков имаше интервју за портал а Даниела Рангелова беше гостин во телевизиска емисија. Последен се јави екс министерот за здравство Никола Тодоров кој напиша колумна на еден од порталите. 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница му даде поддршка на Мицкоски да преговара за формирање на новото владејачко мнозинство.

Александар Спасовски