Кошарка
16. December 2017 - 15:08

Соколов: Партизан има слаби точки кои треба да ги искористиме

 
 Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром,попладнево гостува во Белград кај Партизан во меч од 12.коло на регионалната АБА лига. Во ситуација во која двете екипи се во лоша резултатска низа, а со нови тренери на клупите, шансите за победа и се подеднакви, особено ако се земе и в предвид  победата на МЗТ во првиот дуел одигран на стартот на сезоната во Скопје. 
 
„Немавме среќа да победиме против Морнар, но покажавме голема желба и позитивна енергија кои ако ги повториме во Белград сигурно ќе дојдеме до можност да го изненадиме противникот. Партизан е тим кој секога мора да се респектира, но кој има слаби точки кои ќе пробаме да ги искористиме. Добро трениравме деновиве и ако се држиме до планот во соблекувална верувам дека ќе одиграме добар натпревар“, изјави Дарко Соколов. 
 
И новиот тренер на аеродромци, Жељко Лукајиќ смета дека црно-белите не се несовладливи. 
 
„Против Партизан треба да покажеме голема желба за надигрување, како и дел од енергијата која беше очигледна на неодамнешниот дуел со Морнар, а која секојдневно ја гледам на тренинзите. Факт е дека не може да му се заканувате на Партизан во Белград, особено во една ваква ситуација кога и кај нив доаѓа до шок терапија со промена на тренерот. Веднаш се гледа поинаква филозофија во нивната игра, пред се во пристапот. Но, ова е меч во кој се е отворено. Ќе мора да одиграме цврста одбрана и да го спречиме противникот да не постигнува лесни поени во транзиција и во секундарни напади. И, ако ни се укаже шанса сигурно ќе пробаме да изненадиме“, дополни Лукајиќ. 
 
Во пресрет на овој меч, МЗТ Скопје е „закован“ на дното на табелата со „скор“ од само 2 победи и дури 9 порази, додека Партизан е на 8.место со 5 победи и 6 порази. 
 
Дуелот меѓу Партизан и МЗТ Скопје Аеродром е единствениот кој се игра денеска во рамките на АБА конкуренцијата. 
 
Почетокот на средбата е во 19 часот.