Бизнис
29. September 2021 - 10:59

Сојуз на стопански комори: Да се продолжи грејс периодот за „Ковид 3“ заради одржување на ликвидноста на претпријатијата

Неопходно е да се донесе одлука за продолжување на грејс периодот за враќањето на кредитите од кредитната линија Ковид 3 кои беа дистрибуирани преку Развојна банка, а кои доспеваат на крајот на овој месец, со цел одржување на кревката финансиска ликвидност на претпријатијата, соопштија денеска од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Оттаму посочуваат дека економски состојби во изминатиот период се подобрени, со очекување за постепено и стабилно закрепнување на економија од ефектите на пандемијата во оваа и во наредната година. Но сепак, како што напоменуваат во соопштение, и покрај поволните движења, неизвесноста во поглед на раст и натаму е висока, ризиците околу проекциите се претежно надолни на краток рок, а најпогодените сектори се уште работат со ограничувања.

-Согласно објавениот јавен повик за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на микро и мали претпријатија погодени од Ковид -19 – Ковид 3 беше предвидена директна финансиска поддршка на микро и мали трговски друштва, трговски поединци и занаетчии со рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период до 6 месеци. Имајќи во предвид дека здравствено-економската кризата е се уште присутна, а деловната активност се извршува со ограничувања, обврската за враќање на кредитите добиени преку кредитната линија Ковид 3 кај претпријатијата може да предизвика дополнително нарушување на финансиска нестабилност, сметаат од Сојузот на стопански комори.

Во таа насока, од Сојуз на стопански комори истакнаа дека е важно создавање на можност за одложување на рокот на отплата на бескаматниот кредит од кредитната линија Ковид 3, односно продолжување на грејс периодот, по примерот како што беше направено со Ковид 2 кога со одлуки на Владата, Развојна банка објави јавен повик, со кој се понуди можност за кредитокорисниците на кредити од втората бескаматна кредитна линија „Ковид 2“, да поднесат барање за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата на кредитите за 12 (дванаесет) месеци.

Барањето за пресликување на истото решение и за кредитната линија Ковид 3 испратено е до Владата на РМ, до Развојна Банка, како и до Министерството за финансии кое е договорна страна во овој случај, но засега се уште нема одговор.

-Постапувањето по поднесеното барање ќе придонесе кон одржување на активноста и ликвидноста на деловните субјекти во услови на криза. Истакнуваме и дека за поддршка на реалниот сектор треба да се размислува се додека имаме на сила рестриктивни мерки за извршување на деловната активност, бидејќи кризата трае премногу долго, а микро и малите претпријатија поради ограничени резерви се најчувствителни и најмалку отпорни на кризни состојби, се наведува во соопштението.

Како што информираат од Стопанската комора, од вкупниот број на активните деловни субјекти во земјава дури 99,8 отсто влегуваат во групата на микро, мали и средни претпријатија. Малите и средните претпријатија, вклучувајќи ги тука и микропретпријатијата, во македонската економија учествуваат со 80 отсто во креирањето на вработеноста во приватниот сектор, што според Сојузот на стопански комори, покажува дека тие се всушност столбот на нашата економија.