Македонија
6. August 2018 - 16:45

,,Содексо‘‘ чека одговор од полицијата во Кабул за убиството на Илија

Полициската истрага за убиството на тројцата вработени во нашата компанија во Кабул е сеуште во тек, велат за Сител од Содексо, потенцирајќи дека за се се информираат од тоа што го пишуваат тамошните медиуми.  Од авганистанските власти немаат добиено информации.

Ова бил прв ваков трагичен настан со вработени на Содексо, и поради тоа од компанијата тврдат дека прават се што е во нивна можност да им излезат во пресрет на семејствата.

За Илија велат дека бил вработен како готвач, и дека член на тимот на Содексо станал пред околу еден месец. Немаат информација дали и претходно работел за нив, но потврдуваат дека и тој бил дел од безбедносната обука која што ја добиваат сите вработени кои се ангажирани во такви опасни зони.

И по 4 дена од трагичниот настан, до МНР сеуште нема пристигнато никакво официјално соопштение од афганистанското МНР.

Илија Мерџановски од скопско Љубанци беше убиен на 2 август, заедно со двајца негови колеги од Индија и Малезија. Тројцата вработени во Содексо, возејќи се со службен автомобил управуван од локален жител на Кабул, најпрво биле киднапирани, а потоа и убиени. Афганистанската полиција соопшти дека случајот го води како терористички инцидент, но засега ниту една група не презела одговорност за нападот.