Бизнис
28. September 2018 - 19:46

Социјалното претприемништво не е доволно развиено

Добри практики на социјално претприемништво во Македонија постојат, но многу се ретки. За да се развие овој вид на претприемништво потребна е поголема промоција и едукација,  пред се помеѓу граѓанските организации . Паралелно со промоцијата потребни се и јасни законски услови кои сето тоа ќе го регулираат, ова е заклучокот од дебатата на тема ,, социјално претприемништво најдобри практики и иновации,,  која се одржа во Струмица.

,, Се уште нема обезбедено услови сосема јасни, законски услови и даночна политика која што тоа ќе го регулира. Во изминатиот период се работеше на закон за социјалното претприемништво, но тоа  се уште е во процес, се уште не е доработено и важно е да се создадат и тие општествени услови за да може  граѓанските организации да ги развиваат социјалните претпријатија.,, вели СУНЧИЦА КОСТОВСКА ПЕТРОВСКА – ФОНДАЦИЈА ОТВОРЕНО ОПШТЕСТВО МАКЕДОНИЈА

За искуствата и начинот на работењето дебатираа и дел од организациите кои веќе го применуваат концептот на социјално претприемништво. Велат најважно од се е јавноста да стане свесна зошто треба да се користат производите и услугите кои се  на социјалните претпријатија.

,, Треба да станеме свесни зошто треба да ги користиме производите , да ги купуваме производите или да ги користиме  услугите на социјалните претпријатија и на таков начин да ја поддржиме социјалната економија во нашата земја., вели АНЕТА РИСТЕСКА – УРЕДНИК ВО ЛИЦЕ В ЛИЦЕ

Концептот на социјално претприемништво на европско ниво успешно се применува веќе подолго време. Статистиките покажуваат дека едно од четири новоотворени претпријатија во Европската Унија е социјално претпријатие,  а две третини од потрошувачите кога купуваат производи или користат услуги предност им даваат токму на овие претпријатија.