Македонија
30. October 2022 - 19:36

Социјалното претприемништво има потенцијал но нема законска рамка

Законската регулатива е главната пречка за развојот на социјалното претприемништво во државата. Национална стратегија постои, но она што недостасува е законот кој треба да се донесе бидејќи без него граѓанските организации немаат можност да преминат во социјални претпријатија и на тој начин да ги ангажираат нивните членови и ранливите категории граѓани. Дел од здруженијата веќе имаат економска активност, но нивниот развој оди тешко бидејќи нема соодветна регулатива.

Дека концептот за социјално претприемништво има потенцијал покажа и вториот регионален саем на кој се претставија 20 излагачи од Југоисточниот регион. Ова го потврди и Барбара Садовска од Полска која е тим лидер на проектот. Според неа напредокот во оваа област бил евидентен за разлика од пред неколку години, но очекува многу повеќе со донесувањето на законот.

Според истражувањето на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион  кој го организираше саемот, во југоистокот од државата  има околу 30 граѓански организации кои покажале интерес за формирање социјално претпријатие. Главна пречка за сите нив е несигурноста дали и колку ќе добијат поддршка од државата за развој на нивните претпријатија.