Македонија
10. October 2019 - 16:42

Социјалните медиуми ја прават депресивна младината

Социјалните мрежи стануваат модерниот убиец на младите. Последните години во психијатриските ординации регистрираат се поголем број на 15 и 16 годишни средношколци  кои се анксиозни и депресивни а причината ја гледаат во нивната претерана зависност од интернет медиумите.  Лекарите велат дека тинејџерите живеат во виртуелен свет, играат игри со насилство и агресија и посегнуваат по својот живот како спас од социјалната изолација.

- Тие живеат во виртуелен свет, имаат виртуелни идоли, игрите се со агресија, мора постојано да бидат во тек со тоа штои е на социјалните мрежи. Младите сега не се како младите пред 20 години, сега е многу поважен лајкот на социјалните мрежи отколку зборот кажан во една добра вербална комуникација, вели др. Стојан Бајрактаров, директор на Клиника за психијатрија.

Бајрактаров вели дека има спас за депресивните тинејџери доколку навреме бидат откриени симптомите. Смета дека пиењето на лекови е последната фаза што ќе го препорачаат лекарите а во нивниот третман мора да бидат вклучени и родителите и училиштата. 

-Да се врати во социјалниот живот, да излегува пред зграда што сите деца тоа како да го заборавија, да одат на спортски активности, зашто медикаментозната терапија е она шпоследно што следува, превенцијата е најважна, вели Бајрактаров.

Лани во земјата биле регистрирани 121 самоубиство и голем дел од нив се кај млади до 30 години. Лекарите велат дека на едно самоубиство има уште 20 обиди за посегнување по сопствениот живот.  Денеска е светски ден на менталното здравје и главната порака на Светската здравствена организација е превенција на самоубиствата.