Македонија
24. December 2015 - 13:37

„Социјализам“ прогласен за „збор на годината“ од американскиот толковен речник „Меријам- Вебстер“

Зборот „социјализам“ се покажа за најпроверуван збор во текот на изминатата година на сајтот на познатиот толковен речник „Меријам-Вебстер“ и е прогласен за збор на годината, пренесе ТАСС.

„Зборот на годината“ се избира врз основа на пребарувањата во онлајн-верзијата на речникот. Интернет корисниците значењето на овој збор го пребарувале 169 отсто почесто од минатата година, кога најпопуларен беше зборот „култура“.

Според уредникот на речникот Питер Соколовски, успехот на зборот „социјализам“ се должи на кампањата на левичарскиот политичар Берни Сандерс, кој се изјаснува како демократски социјалист и поддржувач на скандинавскиот социјалдемократски модел на владеење.

- Тоа што Сандерс се претставува како социјалист зборува дека поврзувањето на овој термин со Студената војна останало во минатото, смета издавачот.

Во 2015 година како популарни се покажаа и други зборови со додавката „-изам“. Пребарувањето на зборот „фашизам“ се зголемило многукратно по изјавата на Доналд Трамп дека сака на муслиманите да им забрани да влегуваат на територијата на САД.

Зборот „тероризам“ бил проверуван по терористичките атентати во Париз, во Колорадо Спрингс и во Сан Бернардино, а зборот „расизам“ бил пребаруван 1,5 пати почесто во врска со пукањето врз верниците во црква во јужна Каролина, протестите на универзитетот во Мисури и инцидентите со полициското насилство во САД.

„Социјализам“ беше „збор на годината“ и во 2012 година, но тогаш првото место го подели со зборот „капитализам“, забележа ТАСС.