Балкан
21. February 2020 - 14:00

Социјалистите бараат оставка од Борисов поради манипулирање со податоците за БДП

Итно бараме оставка на премиерот Бојко Борисов и целата Влада поради манипулирање со податоците за економскиот раст на земјата, изјави пратеникот од парламентарната група на „БСП за Бугарија“, Румен Гечев во декларација од името на социјалистите.

– Декларацијата е по повод нашите сериозни сомнежи и докази, дека тоа се манипулативни податоци доставени до НСИ и БНБ. Растот на бруто домашниот производ (БДП) во Бугарија е многу помал од она што го тврди Владата. Таа ги лаже Бугарите и европските институции, кои не прифаќаат влади и држави што ги лажат, истакна Гечев.

Според него, тоа е причината, поради која бараат оставка на Борисов и неговиот кабинет.

Гечев нагласи дека Владата не ги вклучила огромните количества нафтени продукти, со што ги довела во заблуда аналитичарите, кои наместо да го намалат БДП, поради негативен нето-извоз, тие го зголемиле. Пратеникот е убеден дека станува збор за манипулација, која Европа нема да ја прости.

– Нашите податоци покажуваат дека растот не е 3,3 – 3,4 проценти, туку најмногу достигнува во рамки на 0,8 до еден процент, истакна социјалистот, најавувајќи дека ќе бидат проверени сите првични податоци, фактури за увоз и реални цени.

Претходно, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави во Брисел дека земјата има „втор по големина надворешен долг во ЕУ, а одржливиот раст на БДП повеќе години беше високо оценет од страна на ЕК“.

– Фактот дека треба полека да се движиме кон чекалната на Еврозоната се должи на интервјуто на Стив Ханке. Разговаравме за гаранцијата за курсот на левот, додаде Борисов.

На прашањето кога се очекува Бугарија да влезе во чекалната, Борисов рече дека „времето за кое зборуваме е јули, а не април“.

– Тогаш ќе бидат разгледани и Хрватска и Бугарија. Дотогаш, бугарските банки треба многу внимателно да ја следат солвентноста на капиталот, за да нема пречки. Се движиме кон чекалната само по тој курс и само со апсолутен консензус во земјата, додаде бугарскиот премиер, нагласувајќи дека „не постои држава која го прифатила еврото, а потоа станала посиромашна или послаба“.