Македонија
29. November 2017 - 11:36

Собраниската комисија попладне ќе расправа за имунитетот на пратениците

Собраниската Комисија за деловничко и мандатно-имунитетни прашања попладне околу 15 часот треба да одржи седница на која ќе се одлучува за барањата од судот за одземање на имунитетот на шестмина пратеници кои обвинителството ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27 април годинава.

Претходно се очекува во Собранието да пристигне и претседателот Талат Џафери од службеното патување во Шведска. Џафери, според Деловникот на Собранието и Уставот, барањата од Судот што вчера пристигнаа до него треба да ги проследи до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно - имунитетни прашања Павле Богоевски. Богоевски вчера најави дека веднаш по доставувањата на барањата ќе закаже седница на Комисијата. 

Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата. Членови на оваа комисија се и двајца од пратениците за кои има информации дека е побарано притвор, но според Деловникот и тие треба да бидат известени за седницата. Нивното место во Комисијата ќе го заземат заменици-членови од пратеничката група. 

Заменик претседател на Комисијата е пратеникот Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски, а заменици се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини - Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски. 

Комисијата е должна да го разгледа известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето. За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство. 

По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник. 

Неколкумина пратеници се меѓу 36 лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.