Македонија
5. January 2018 - 12:58

Собраниската 2018. почнува со избор на уставни судии и законот за јазиците

Претседателот на Собранието Талат Џафери за 9 јануари закажа шест собраниски седници, меѓу кои и 27-та на која на дневен ред се и изборот на уставните судии и Предлог законот за употреба на јазиците. Се уште е неизвесно дали владејачкото мнозинство ќе ги гласа законите и другите одлуки без опозицијата имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ се уште нема одлука дали ќе се вклучи во работата на Парламентот. 

И денеска од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се уште нема промена на нивниот став за враќање во Парламентот. Лидерот на партијата Христијан Мицковски синоќа во интервју најави дека наскоро ќе бидат објавени идните чекори на партијата, меѓу кои и делувањето на пратениците, потенцирајќи дека за ова има сериозна дебата.  

Џафери на предновогодишната средба со новинарите изрази надеж дека пратениците од опозицијата нема да го продолжат отсуството, поради што од пред Нова Година за 9 јануари беа одложени поголем дел од седниците. 

- Очекувањата се дека сите оние превирања внатре во политичките партии што се случија на крајот на годината (2017) да се надминат и првите работни денови на Собранието, од 9-ти па натаму моите очекувања се дека Собранието да биде во полн состав со учество на опозицијата и сите политички партии, имајќи ги предвид и нивните претходни изјави дека ќе бидат присутни и особено за реформските закони, а во контекст на очекувањата од Извештајот на ЕК и напредокот на Република Македонија, изјави тогаш првиот парламентарец.

На 9 јануари најнапред е закажано продолжението на 27 седница, на која на дневен ред се, меѓу другото, Предлог за избор на судии на Уставниот суд на Република Македонија, Предлог на закон за употреба на јазиците, во второ читање, измени и дополнувања на Законот за работните односи, прво читање, поднесен од 11.868 избирачи, во прво читање и неколку други закони и одлуки. 

На 26-та седница на дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, на 22-та се реформските измени и дополнувања на Законот за заштита на сведоци и Предлог  на закон за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, двата по скратена постапка. 

Закажани се и продолженија на 11-та,  13-та и 15-та седница, со по неколку точки на дневниот ред.

Пратениците во јануари ќе имаат интензивна агенда имајќи ги предвид веќе закажаните седници на комисии и пленарни седници, како онаа за ратификација на Договорот со Бугарија (15 јануари) и обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг (18 јануари). Најавени се и други активности како средбата во рамки на процесот Жан Моне на 25 и 26 јануари во близина на Париз и друго.