Македонија
29. December 2020 - 21:17

Собраниска расправа за законот за попис зад затворени врати - попушта ли власта пред опозицијата?

Ниту еден амандман на опозицијата на законот за попис досега не е прифатен од страна на власта. Од 37 амандмани кои ги поднеле опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ,како и Левица и Алијанса на Албанците и Алтернатива попладнево биле разгледани и одбиени 13. Останатите ќе се разгледуваат утре кога и треба да заврши амандманската расправа по законот,  потврдува претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми.

Според информациите од ВМРО-ДПМНЕ, попладнево владејчкото мнозинство, не ги прифатило амандманите со кои се бара да с епојаснат  основните поими што се користат во законот, како што се: вкупно насление во државата, место на вообичаено живеење, домаќинство, официјално живеалиште во Македонија. Не е прифатен ни амандманот со кој се бара од базите на податоци кои ќе бидат користени во електронскиот дел од пописот да ги ажурираат податоци до февруари 2020 година.

За утре останува главното  барање на ВМРО-ДПМНЕ – пописот да се одвива преку отпечаток на прст.

Од Алијанса пак, бараат посебна пописна Комисија.

ОД СДСМ уверуваат - попис ќе има и тој не смее и нема да зависи од волјата на политичките партии и лидери.

Иако се работи за едно од најгоркливите политички прашања во земјава, расправата тече во скратени рокови зад затворени врати. Имено, дебатата се одвива во собраниски сали од каде нема директен пренос и од каде медиумите не смеат да снимаат поради протоколите за корона вирусот.