Македонија
14. August 2017 - 16:21

Собраниска расправа за разрешување на Зврлевски

Власта и опозицијата остануваат со непроменети ставови околу разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски. За ВМРО-ДПМНЕ обидот е незаконски, а целта е да се дефокусира јавноста од распродажбата на националните интереси и да се прикрие неспособноста на Владата да ги решава реалните проблеми на граѓаните. Парламентарното мнозинство и натаму одбива да се вклучи во расправата што ја сметаат за бесмислена.

- Во случајот со Марко Зврлевски не се работи за престанок на работата. Тој само се разрешува од функцијата државен јавен обвинител, не му престанува работниот однос, тој си продолжува да биде обвинител. Ова многу ми наликува на април и затоа барам да се прекине со бесмислените дискусии и да се разреши Марко Зврлевски за да се овозможат реформите во судството да почнат“, рече Тунтев.

- Конструктивно се откажаа од отворената дискусија со договорот со Бугарија,  одбегнуваат да дискутираат за плановите на Владата на Република Македонија за населување на неколку десетина илјади мигранти и делење на државјанства на мигранти.  Конструктивно се откажаа од иницијативата да дискутираме за проблемот со депонијата во Струга, од идејата да дискутираме за продолжување на породилното отсуство. Не се откажаа од идејата македонскиот јазик да биде понижен и ставен како јазик од втор ред при вчерашната прослава, не се откажаа од идејата да носат антидржавен закон за двојазичност на цела територија на Република Македонија, нагласи Димовски.

Неприсуството на овластен владин претставник во собраниската сала според опозицијата е преседан и прекршување на 20-годишната собраниска пракса.

Собранието по 10-ти пат, расправа за смена на јавниот обвинител по предлог на Владата, со образложение дека Зврлевски во изминатите години функцијата ја извршувал незаконски и недоволно стручно.