Македонија
11. April 2018 - 16:43

Собраниска расправа по иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за интерпелација на Владата

Со епитети како најкриминална, најнеспособна и нејнеработлива влада опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја почна расправата за прашањето за доверба на владата на Зоран Заев.

Опозицијата обвинува за корупција, отпуштања на вработени и економско цунами во кое државата за првпат не бележи раст, а за помалку од една година се задолжила 1,5 милјарда евра. Според интерпелацијата, Заев заедно со министерот Оливер Спасовски ја претвориле Македонија во најнебезбедната земја во која граѓаните се  жртви на грабежи, убиства, рекетирање.

Од СДСМ пак, возвраќаа дека интерпелацијата е само алиби ВМРО-ДПМНЕ да се врати во парламентот, дека за 10 месеци е направено многу, но не може да се се анулира се на што 10 години се рушело. Се пофалија со постигнувањето на договорот со Бугарија, со укинувањето на радиодифузната такса, со воведувањето на евтина струја.

Ова е прва точка на која народните избраници од ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во работата на парламентот по повеќе од 4 месеци бојкот. Барањето за недоверба на Заев го образложи координаторот Драган Данев, а веднаш по него за збор се јави Тунтев.

Имајќи ја пред вид досегашната дискусија и она што е напишано во интерпелацијата, најжестоки критики досега добиваат министрите за труд и социјална политика Мила Царовска, за здравство Филипче, за култура, за  образование Дескоска, за надворешни работи....сепак за реконструкциуата ќе мора да ги имаме пред види и партиските калкулации и најавите за влез на нови партии во владината коалиција.

Седницата се одвива по строги правила. На два пратеника од опозцијата, за збор се јавува еден од власта. Репликите пак, се во корист на власта. Пратениците од владејачката коалиција и министрите имаат право на шест реплики, а оние од опозцијата само на три.

Пред чинот на самото гласање некаде на полноќ, треба да се обрати и Заев. За да помине барањето на ВМРО-ДПМНЕ потребно е 61 пратеник да гласа за недоверба на Владата. Имајќи пред вид дека барањето е потпишано од 42 пратеник, мали се шансите тоа и да помине.

Се работи за прва интерпелација на Заев. Утре парламентот продолжува да работи и тоа со гласање на реформските зкаони од правосудството кои се усогласени со опозицијата и се битни за Извештајот на ЕК што ќе биде објавен на 17 април.

КАТЕРИНА НЕШКОВА