Македонија
9. January 2018 - 14:29

Собранието в четврток ќе гласа за изборот на Костадиновски и Кадриу за уставни судии

Собранието на Република Македонија  в четврток  напладне на ново продолжение на 27. седница треба да гласа за Предлог законот за употреба на јазиците, во второ  читање, како и за изборот  на судии на Уставниот суд на РМ, откако на денешната седница немаше кворум за гласање. 

Претседателот на Собранието Талат Џафери на седницата констатираше дека е завршен општиот претрес за законот и за изборот на судиите, како и дека нема кворум, по што најави гласање в четврток во 12 часот.  

Законодавниот дом треба да гласа за предлозите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу да бидат избрани за судии на Уставниот суд на РМ, на предлог на претседателот Ѓорге Иванов. Тие треба да дојдат  на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. 

Поради отсуство на предлагачите на останатите предлог закони на 27 седница од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Џафери констатираше дека нема услови да се разгледаат тие точки. Немаше кворум ниту за работа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидиско осигурување, по скратена постапка, кој е на дневен  ред на 26. седница, како и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци по скратена постапка, кој е дел од 22-та седница. Во рамки на 22. седница заврши општата расправа за Предлог законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија по скратена постапка, за кој исто така ќе се гласа в четврток. 

Собранието, како што најави Џафери, ќе продолжи со работа по 15:30 часот по редовната пауза на пратениците. 

Ова е прв работен ден на пратениците по новогодишниот одмор.