Македонија
3. November 2015 - 15:15

Собранието усвои повеќе законски измени и дополнувања во второ читање

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 71. седница во второ читање усвои изменувања и дополнувања на закони, со кои, во најголем дел, се врши усогласување на постојниот закон со новиот Закон за прекршоците во однос на одмерувањето на глобата и водењето на прекршочната евиденција.

Пратениците дадоа поддршка за измените и дополнувањата на Законот за постапување по претставки и предлози, Законот за електронско управување, Законот за електронските комуникации, Законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето услуги во државната служба, Законот за управната инспекција, Законот за инспекциски надзор...

Усвоени беа и измените и дополнувањата на Законот за ловството, Законот за рибарство и аквакултура, Законот за квалитет на земјоделските производи, Законот за земјоделски задруги, Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Законот за тутун и тутунски производи, Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, Законот за сигурност во железничкиот систем... исто така во второ читање.

Во попладеневниот дел од седницата, како што најави претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, ќе се расправа по законите што на седница се ставени по скратена постапка, а за кои се создадени деловнички усклови, односно кои веќе ги гледала матична комисија.

Меѓу другите, по скратена постапка, на дневен ред на оваа седница се и измените и дополнувањата на Законот за службата во Армијата на Република Македонија, поднесен од пратениците Емил Димитриев и Талат Џафери, со кои до февруари идната година треба да се реши статусот на околу 140 професионални војници кои по завршувањето на работниот ангажман во АРМ не беа вработени. Со ова треба да се заокружи процесот на реашавање на статусот на сите професионални војници.

На дневен ред е и Предлог законот за задолжување на Република Македонија кај Дојче банка и Ерсте банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот „Гасификација на Република Македонија – фаза 1 - делница Штип – Неготино - Битола и делница Скопје – Тетово - Гостивар”, по скратена постапка.

Реализацијата на овој проектот се предвидува изградба на инфраструктурни објекти и линиски дел на повеќе делници и треба да овозможи достапност на природниот гас како конкурентен и еколошки чист енергенс до стопанството, индустријата и домаќинствата, поврзување на повеќе региони во државата со системот за пренос на природниот гас, и стабилност во снабдувањето со енергенси, пред се во индустријата, што доведува до поголем економски развој на сите региони во Република Македонија. Проектот овозможува повисок степен на остварување на економски и социјални придобивки, како и унапредување и заштита на животната средина со поголема искористеност на природниот гас како еколошки чист енергенс.

Проценетата вредност за реализација на овој дел од проектот изнесува 90 милиони евра. За финансирање на истиот, Министерството за финансии во името на Владата на Република Македонија обезбеди заем од Дојче банка и Ерсте банка, во износ до 90 милиони евра.