Македонија
2. November 2015 - 21:07

Собранието усвои повеќе законски измени и дополнувања

Собранието на Република Македонија во рамки на 71. седница го усвои Предлогот за именување претседател и член на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, како и повеќе законски измени и дополнувања.

За претседател на Регулаторната комисија за енергетика е реизбран Димитар Петров, а за член на Комисијата е реизбран Видан Кулевски.

Заменик-министерот за економија, Христијан Делев во реплика на пратеникот Горан Сугарески од СДСМ рече дека Петров и Кулевски се експерти во оваа област кои се докажале во своето работење и изминатиот период биле на еден начин, како што рече, коректор за сите случувања во делот на енергетиката.

Петров, посочи Делев, беше и најголемиот поборник за одложување на целосната либерализација, односно како Регулаторна комисија укажаа на сите негативни ефекти што ќе се случеа доколку се донесеше одлуката за либерализација на пазарот на електрична енергија.

- Оттаму ние ги добивме сите податоци колку цената на електричната енергија ќе се зголеми доколку беше прифатен тој модел што го предлагаше тогаш опозицијата, истакна Делев, потенцирајќи дека енергетиката е приоритет на Владата.

- Овие кандидати имаат направено толку реформи. Донесени се 30 подзаконски акти и околу 40 правилници во овој дел од страна на Регулаторната комисија. Македонија има најниска цена на електрична енергија во Европа, благодарение на оваа Регулаторна комисија, додаде Делев. 

Собранието ги усвои и измените на законите за употребата на македонскиот јазик, за заштита на културното наследство, за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, за Академијата за наставници, за здравственото осигурување, за биомедицинско потпомогнато оплодување, за доброволно здравствено осигурување, за здравствената заштита, за заштита на децата, за безбедност и здравје при работа, за социјалната заштита, за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, за катастар на недвижности, за процена, за медијација, за вештачење, за Академијата за судии и јавни обвинители, за управување со отпадот.

Во рамки на седницата, пратениците ги усвоија и измените и дополнувањата на законите за животната средина, за угостителска дејност, за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, за технолошки индустриски развојни зони, за контрола на предметите од скапоцени метали, за производство и промет на вооружување и воена опрема, за таксата за привремен престој, за туристичка дејност, за електронска трговија, за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, за индустриски - зелени зони, за градежните производи, за трговските друштва, за метрологијата, за енергетика, за минерални суровини, за стечај, за возила, за експропријација, за вршење на работи за застапување во царинските постапки, за административните такси.

На седницата второто читање го поминаа измените и дополнувањата на законите за буџетите, за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за ревизија, за акцизите, за кредитно биро, за Царинскиот закон, за супервизија на осигурување, за даноците на имот, за државната ревизија, за комуналните такси, за хартии од вредност, за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, за јавна внатрешна финансиска контрола, за вршење сметководствени работи, за државната статистика, за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, за Царинската тарифа, за јавните набавки.

Продолжението на оваа седница на која треба да бидат разгледани уште 54 точки ќе се одржи утре во 12 часот.