Македонија
13. April 2021 - 15:23

Собранието расправа за Националната стратегија за спречување на корупцијата

Собранието, во рамките од денешниот дел од работата по дневниот ред на 32-та седница, ја започна расправата за Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Расправата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска посочи дека корупцијата ја поткопува довербата во институциите на системот и ефикасното користење на јавните ресурси и претставува закана за демократијата и остварувањето на човековите права, а нејзините негативни ефекти се огромни.

Петгодишната Национална стратегија што ја изработи ДКСК, како што рече во обраќањето пред пратениците, е прв документ од областа на борбата против корупцијата што се усвојува на највисоко ниво, односно во Собранието и во него се детектирани 12 секторски приоритетни проблеми меѓу кои правосудството, медиумите, вработувањето во јавниот сектор, процесот на јавни набавки, спроведувањето на надлежностите во јавниот сектор…

-Усвојувањето на стратегијата од страна на Собранието ја потврдува сериозноста на проблемот со корупцијата и потребата од вклучување на сите засегнати страни. Успешната антикорупциска политика е дел и од процесот на евроинтеграции, а стратегијата е темел за унапредување на законската рамка и преземање на реформски активности. ДКСК примени широк, инклузивен и транспарентен  процес во подготовката и изработката на стратегијата со учество на претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор, медиуми, но и претставници од Делегацијата на Европската Унија, ОБСЕ, РАИ и ИРИ, рече Ивановска и додаде за подготовката, што е направена со средства од УСАИД, ДКСК одвоила околу пет месеци.

Стратегијата, потенцира, е заснована на реални процеси и цели кои треба да резултираат со континуирано намалување на корупцијата, а нејзината имплементација, како што рече, ќе испрати силна порака до македонското општество дека борбата против корупцијата конечно се остварува.

-Затоа овој документ треба да биде високо на агендата на институциите вклучени во неговата имплементација.  Во стратегијата се дијагностицирани и селектирани приоритетните проблеми кои генерираат висок ризик од корупција и се идентификувани мерки за нивно надминување, појасни Ивановска.

Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор посочи дека стратегијата е солиден и сеопфатен документ, но, како што рече, ќе создаде само визија доколку не се пристапи кон санкционирање. Контролни и надлежни механизми за спречување на корупцијата во државата има, додаде, но воопшто не се применуваат.

-Шокантно е што во 2021 година немаме единствен регистар на јавните претпријатија. Нашата реалност е пропаднати јавни претпријатија и збогатени членови на управни и надзорни одбори. Државата го окупира и медиумскиот простор, а наместо јакнење на човечките и материјалните ресурси во надлежните тела се шири бројот на советнички места чиј интегритет се крие и не се објавува, рече Силјановска.

Нејзиниот сопартиец Владо Мисајловски порача дека е најважна имплементацијата на стратегијата и истакна дека доколку власта сака тоа да биде успешно треба да се откаже од се што било лошо во изминатиот период.

-Нема тендер што не е наместен. Не треба само да се носат стратегии и планови затоа што се законска обврска, туку тие треба и да се спроведуваат, рече Мисајловски и додаде дека за овие четири години речиси и да нема отворен предмет за, како што истакна, партиските вработувања кои ги спроведува СДСМ.

Павле Трајанов од ДС во реплика побара да се формира Агенција за борба против тешката корупција и во изборот на нејзиниот директор власта да нема никако влијание и таа да ги покрива сите јавни набавки над 5.000 евра.

-Власта по дифолт сама себе не се казнува и затоа треба да има независно тело што ќе ја контролира, рече Трајанов.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочи дека за разлика од 2016 и 2017 година, сега земјава има пад за 21 место на индексот на корупција на Транспаренси интернешнл и е рангирана на 111-то место. Тоа е така зашто, како што посочи, нема ден да нема корупциски скандал и за нив нема никакво правно решение. Затоа, додаде, треба да има зголемување на надлежностите на ДКСК, а не комисијата да не биде надлежна за 90 отсто од корупцијата.

-Надлежноста за борбата против корупцијата и во стратегијата ја зема ДКСК, но не и вицепремиерот Љупчо Николовски кој одлучува, но не е надлежен и не е спомнат во стратегијата, рече Стојановски.

Игор Здравковски од истата партија во својот говор рече дека ја поддржува стратегијата, но смета дека е недоречена во завршниот дел и, како што рече, во државата многу често се донесуваат слични документи кои доаѓаат до некаде и ги детектираат проблемите и немаат завршен удар за нивно елиминирање.

-Во стратегијата нема конкретни мерки што би се презеле зошто вие имате ограничена надлежност. Затоа како законодавци треба да изгласаме измени и да ви овозможиме да изрекувате драконски казни, и порача Здравковски на претседателката на ДКСК.

Пред да ја даде редовната поладневна пауза претседателот на Собранието Талат Џафери на пратениците им порача дека денеска не случајно во 12:45 часот побарал пребројување на присутните пратеници во салата.

-Не случајно побарав да се пребројат пратениците. Во 12:45 пребројавме 49 пратеници во сала  за седница свикана во 12:00. Во 14:15 го повлеков списокот за проверка на потписи. Се потпишале 101 пратеник, а во моментов заедно со оние што излегоа во меѓувреме бевме 56 пратеници. Да знаете јавно дека ве бројам и списоците ќе се објават. Членот 29 од Dеловникот не обврзува за присуство, учество и одлучување, а ние осум месеци  се расправаме дали имаме или немаме кворум и дека кворумот и припаѓа само на едната страна и не е обврска на другата страна. Објавувате некои договори за деблокада на Собранието, а потоа дополнително објавувате ова ќе повлечеме, ова нема да повлечеме. Или сме деблокирани или не сме деблокирани сакам јавно да ви кажам како претседател зашто цело време слушам дека топката е кај претседателот на Собранието, рече Џафери.

Потоа објави пауза по која, како што рече, ќе претседава потпретседателот на Собранието, а прв говорник ќе биде пратеникот Панчо Минов.