Македонија
19. May 2016 - 16:57

Собранието расправа за измени во законот за помилување и други 5 закони

Поништувањето на аболицијата заедно со уште 5 други законски решенија влегоа во Собраниска процедура. На предлог на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по скратена постапка Собранието ќе најде решение претседателот да ја поништи одлуката за помилување што предизвика дополнително разгорување на политичката криза

Измените на законот за помилување ќе му овозможат на претседателот да ја повлече одлуката за аболиција и ќе го задолжи да ја поништи аболицијата за секое од лицата кое тоа ќе го побара од него.

За СДСМ овој закон е неуставен и затоа опозициските пратеници денеска не присуствуваа на собраниската седница.

Опозицијата денеска до Собранието поднесе предлог за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување како уште еден начин за поништување на аболицијата.

Меѓу останатите закони кои денеска влегоа во собраниска процедура е и законот за бомбите со кој ќе се забрани објавување на незаконските снимки и кој ќе почне да важи од 2017.
Ќе се менуваат и законите за заштита на личните податоци и делот од изборниот законик кој се однесува на избирачкиот список со што ќе се овозможи негово јавно објавување на интернет.
Се менуваат и законите за управните спорови и законот за управна постапка со кои ќе се овозможи поголема ефикасност на Државната изборна комисија во насока на пречистување на избирачкиот список.