Македонија
22. јуни 2017 - 15:26

Собранието расправа за избор на заменици министри

Собранието на Република Македонија на денешната петта седница расправа за избор на заменици министри во Владата.

Премиерот Зоран Заев на почетокот пред пратениците ја соопшти листата со кандидати за заменици министри, посочувајќи оти станува збор за истакнати личности, професионалци и политичари. Заев рече дека имал разбирање за неколкудневното пролонгирање на изборот на замениците министри за да има доволно време пратениците да ги разгледаат предлозите. 

Предложените кандидати, како што посочи, ја знаат својата одговорност, дека ќе добијат задача да ја извршуваат одговорно фуницијата раководејќи се од Уставот и законите и од оштиот интерес за подобрување на животот на граѓаните.

За заменик-министер за одбрана е предложен Беким Максути, за заменик-министер за внатрешни работи Агим Нухиу, во Министерството за правда Оливер Ристовски, во Министерството за надворешни работи Арта Точи, во Министерството за финансии Ширете Елези, а во Министерството за економија Кире Наумов.

Власте Димковиќ е предложен за заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Гоце Чакаровски за здравство, Висар Гани за образование и наука, Елми Азири за труд и социјална политика, Дејан Павлески за локална самоуправа, Владимир Лазовски за култура, Александар Бајдевски за информатичко општество и администрација, Ремзи Мехмеди за транспорт и врски, а Јани Макрадули за заменик министер во ресорот животна средина и просторно планирање.

Премиерот Заев истакна и дека новата Влада ќе биде насочена кон реформите и водење инклузивен процес преку вклучување на опиозицијата, граѓаните, академската заедница. Посочи дека активностите се насочени во две насоки: реформи и унапредување на севкупниот живот на граѓаните во РМ.

- Императив на Владата е да знае дека Парламентот е тој што избира Влада и ги креирара главните политики и владата е должна да го испочитува Собранието, рече Заев. 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски реплицирајќи му на Заев рече дека е изневерена идејата на СДСМ за помала Влада. СДСМ пред изборите ветуваше дека нема да има повеќе од 20 министри, а сега има 26 министри и 26 заменици. Тоа, според него, е доказ за недоследноста на СДСМ за буџетот и неговото трошење. Во однос на предлозите за заменици министри искажа забелешка за Арта Точи која, како што наведе, тврдела дека западна Македонија треба да припадне на Албанија, а земјата ја ословува со ФИРОМ.

Милошоски, исто така, рече дека има многу прашалници за посетата на премиерот Зоран Заев на Бугарија, за тоа што и кога е договорено и зошто граѓаните не можат да знаат што е договрено.

Заев му одговори на Милошоски повеќе од 5-6 годиини Владата на Македонија преговара со Бугарија за договорот за добрососедство. Договорот ќе се ратификува во Собранието и нема што да се крие. Посетата придонесе за приближување на ставовите, рече Заев, најавувајќи транспратеност за сите постапки.

Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ побара Заев да одговори на прашањето на неговиот колега Милошоски за договорот со Бугарија и праша што мисли за заменичката за надворешни работи Арта Точи која, како што рече, јавно, во нејзини официјални трудови не нарекуваше ФИРОМ или ќе го смени мислењето. 

Заев реплицираше дека Парламентот е тој што бира и разрешува.- Јас денеска предлагам кандидати кои сум убеден дека ќе работат согласно Уставот и законот, дека со љубов и огромна мотивација ќе се заложат да ја извршат својата функција на еден транспарентен и отворен начин пред нашата јавност и Парламентот. Убеден сум во личната мотивација и љубов кон посветеноста за добробит на сите граѓани и на нашата држава. Знам дека сите заменици-министри влегуваат со сериозен ентузијазам во извршување на својата функција, рече Заев. 

Договорот со Бугарија, како што рече, имплицира работи кои ќе значат затворање на било кои предрасуди кои постоеле во минатото. 

- Нема некое посебно поместување од тоа што и досегашната влада преговарала. Амбиентот е позитивен и сакаме конечно да го затвориме ова прашање. Посетата на премиерот Борисов е да оддаде почит пред споменици додека Македонија го слави својот голем национален празник, рече Заев.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека критериумите за избор на министри и заменици според нив воопшто не соодветствуваат и не се согласуваат со барањата на граѓаните. Според нив, изборот на предложените кандидати за заменици министри не е добар и изразија загриженост дали тие ќе можат професионално да ги извршуваат обврските. Не соогласуваат со предложените кандидати за заменици во министерствата за надворешни работи, за образование и наука, за финансии, за здравство, за транспорт и врски...

- Вие кажавте дека тие треба да бидат стручњаци, експерти во своите области. Но, со исклучок на еден или двајца од предложените заменици, сите останати се партиски послушници кои треба да завршат одредени задачи кои вие ќе им ги дадете во ресорните минитерства, рече Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, основни критериуми за министрите и замениците се само скандали и партиски послушници. 

Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека немале доволно време за да ги разгледаат биографиите зашто ги добиле во 2 часот по полноќ и праша што е квалитетот на сите предложени кандидати за заменици-министри. 

Пратеничката Благица Ласовска смета дека не се нудат нови лица, туку, како што рече, сомнителни кои немаат расчистено со чувството на припадност кон државата. 

Реплицирајќи Заев рече дека предложиле 15 заменици-мнистри, а за да се намали Владата или да се зголеми треба две третини по Устав и закон и додаде оти затоа настапуваат со истиот број на министри и ресори. 

- Велите дека не нудиме нови лица. Деведесет отсто никогаш не биле ни мнистри ни заменици. Никој и ништо во договорот не ја спори нашата национална посебност на сите граѓани во Република Македонија и не го спори нашиот идентитет. Она за што држвата работела повеќе од шест-седум години ние го привршуваме. Самиот договор значи крај на омразата, кавгите, непријателствата и значи нови перспективи за Македонија. Договорот ќе биде на ратификација во Парламентот и е апсолутно исклучителен патриотски чин за иднината на граѓаните на Македонија, рече Заев.

Тој соопшти дека постои консензус во Владата меѓу министрите и нивните заменици и додаде оти ќе постои и со идните функционери за се што ќе работи Владата-интересот на Република Македонија и на сите граѓани.

- Тоа е императивот по кој се обединивме и по кој ќе работиме како нова Влада. Тоа што не чини според граѓаните ќе го укинеме, а тоа што е добро го поздравуваме и ќе го продолжиме, рече Заев. 

За бројот на министерствата во Владата, Заев појасни дека зависи од Законот за јавна управа, за кој е потребно две третини и затоа, како што рече, не размислувавме за намалување или зголемување на министерствата. Останува понатаму, кога ќе има дветретинско парламентарно мнозинство да ја разгледаат можноста да ги намалат. 

Реплицирајќи им на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за договорот со Република Бугарија, Заев рече дека ако го договорат, покрај на аглиски, на бугарски ќе биде потпишан и на нашиот официјален македонски јазик и на македонски јазик ќе стои потписот на премиерот на Бугарија. Тоа, како што рече, е важна работа за Македонија. 

- Убеден сум дека сите заменици, како и министрите во Владата ќе се држат комплетно за интересот на државата и на сите граѓани подеднакво, без разлика на етничка, политичка припадност и сл. Знам дека ќе одржат лекција за добро работење во споредба со тоа што беше претходно во Република Македонија. Државата од партијата ќе биде одделена. Следете го идното работење на Владата и ќе видите каде се поставуваат политички профилирани луѓе, а каде не смеат да се поставуваат, рече Заев. 

Илија Димовски и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е скандалозен предлогот за заменик-минстерката за надворешни работи и побараа да се повлече и да има друг предлог. Исто така, искажаа несогласување и за предлозите за министерствата за финансии и за труд и социјална политика. 

Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека треба да им се даде шанса на луѓето да покажат како ќе работат и врз основа на тоа да го градиме нашиот однос кон нив, дали она што го работат е за критика или за пофалба. Праша дали постои потреба за попрецизно регулирање на статусот заменик-министерот во Владата. Тој рече дека според постојниот Закон за Влада заменик-министерот не е член на Владата. 

По редовната пауза, седницата ќе продолжи во 15 часот. Покрај изборот на заменици министри, на 5. седница треба да бидат разгледани и годишните извештаи на неколку институции. Пратениците треба да се изјаснат и за иницијативата поднесена од 217 граѓани за измена на Законот за работни односи, со која се бара продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци.