Македонија
22. јуни 2017 - 16:23

Собранието расправа по предлогот на премиерот Заев за избор на заменици министри

Стартуваше расправата за избор на заменици-министри. Предлог листата пред пратениците ја образложи премиерот Зоран Заев со став дека се работи за квалитетни луѓе, професионалци кои одговорно ќе работат во интерес на државата и граѓаните. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ упатија жестоки критики за предлогот Арта Точи да биде заменик-министер за надворешни работи. Според нив скандалозно е оваа функција да ја води човек кој Македонија ја именува како ФИРОМ. Нејасно е и како може Алијансата на Албанците со само 3 пратеници да добие 5 места во извршната власт.

 Присуството на Заев пратениците го искористија и за прашања во однос на договорот за добрососедство со Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ побара поголема транспарентност од Владата, граѓаните заслужуваат да знаат што е договорено и што значи заедничкото прославување на Илинден, бидејќи никој нема добиено мандат да ја менува историјата.

Списокот на заменици-министери до Собранието беше поднесен минатата недела, но и власта и опозицијата се согласија оваа точка да биде оставена како последна со цел пратениците да добијат повеќе време да се подготват за дебата. За нивниот избор потребна е поддршка од 61 пратеник.