Македонија
16. November 2015 - 15:27

Собранието расправа а Буџетот за 2016

Пратениците денеска по образложението на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ја почнаа расправата по Предлог буџетот за 2016 година. 

Пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ, истакна дека оваа партија нема да го поддржи предложениот буџет, оценувајќи го притоа како расипнички, нереален, неразвоен, буџет за, како што рече, тажна сегашност и уништена иднина, и за нови долгови и ново иселување.

Рече дека досега сите буџети што во изминатите години ги предгагала оваа власт биле исти и оти овој за 2006 година се разликува по тоа што изнесува 3,2 милијарди евра и е историски најголем буџет. 

Забележа дека сите проекции што биле направени не соодвтствувале со реалноста и вистинскиот раст на БДП. Тој, рече Николов, намерно се проектира повисок за да може повеќе да се троши.

Смета дека ова е буџет кој на земјата ќе и донесе нови долгови и за граѓаните и за стопанството. И натаму во него, рече, има огромни средства за покривање на дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Секогаш, потенцира пратеникот Николов, зборувате за тоа како ќе направите, ќе покажите, ќе..., а не кажувате што сте направиле, како ќе ја го намалите дефицитот во буџетот на ПИОМ, не кажувате дека невработеноста е највисока во регионот, дека е огромен процентот на невработени млади.

Нашата работа и тоа што сме или не сме направиле, реплицира министерот Ставрески, најпрво и најважно ги оценува народот, а второ, исто така релевентно, и меѓународните институции кои се неутрални и можат да проценат дали некој добро ја води економијата и дали таа има добри резултати или не.

Проекциите на ММФ за Македонија се разликуваат многу повеќе од реалните остварувања, отколку  оние на Министерството за финаниси, сега според вашата логика, рече Ставрески, тие во ММФ што се собрале се незнајковци и не знаат да проектираат. 

- Вие велите дека во обраќањето сум говорел само ќе, ќе, ќе,... Не јас само говорев за тоа кои се резултатите на извозот што сме ги оствариле, дека тој е двојно поголем од 2006 година што е резултат на работата и економската политика на оваа влада за привлекување странски инвестиции. Невработеноста што ја наследивме беше 37 проценти, а сега е намалена на 26, младите невработени биле во ваше време 60 проценти, сега се 46 процемнти, рече вицепремиерот Ставрески.

Народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети во расправата по Буџетот за 2016 година истакна дека со средствата што во него се издвоени за оваа институција, таа нема да може да ја извршува функцијата.

Значително се намалени сите ставки кои се наменети за работа на Омбудсманот, рече Мемети, поради што се доведува во прашање извршувањето на фунцијата на институцијата. Пари нема, додаде, ниту за вработување во клучни сектори во институцијата, ниту за членарини во меѓународни организации... 

Седницата продолжува по редовната пауза со реплики на говорот на пратеникот Николов.