Македонија
18. November 2015 - 16:47

Собранието продолжува со расправата за буџетот по паузата

На собраниската дебата за дополнетиот Предлог буџет за 2016 година по едночасовната пауза на барање на ВМРО-ДПМНЕ, Горан Мисовски од НСДП упати критики за буџетот, меѓу другото и за инвестициите, кои според него не соодветсвуваат со ветувањата на власта и за првите осум месеци од годината изнесуваат околу 140 милиони евра. 

Тој укажа на извештаи на меѓународни организации според кои, рече, Македонија е со најниски примања во Европа и опкружувањето, а според извештај на ОЕЦД од Македонија во 2013 година се иселиле 23.000 граѓани. Мисовски укажа и на проект на еден од техничките факултети каде голем дел од студентите се изјасниле дека својата иднина ја гледаат надвор од земјата во странство. 

Министерот за финансии Ставрески реплицираше дека е објективен факт влијанието на светската економска криза, а потоа и должничката криза во Европа, која имаше свое влијание и врз македонската економија, но и тоа дека нашата економија во такви тешки околности забалежа раст, наспроти повеќе европски земји кои влегоа во рецесија и отпуштаа работници.

- Голем дел од работите се мерливи дали некој успеал во својата работа или не успеал и тоа се гледа по резултатите. И во споредба на резултатите на Македонија со соседните земји што направиле другите земји во истиот период. Се надевам дека не може да не се сложиме дека Македонија во овие шест години во тој период се намали, а во сите други земји невработеноста се зголеми. Не може да не се сложиме дека кумулативниот раст на македонската економија меѓу 2009 и 2014 година е 8,5 проценти. Во најтешките години на криза и кога соседните економии имаа кумулативен раст под 4 проценти, двојно помал од македонскиот, а повеќето имаа нула или негативен раст, а некои и ден денес како Хрватска не се излезени од рециесија. Долгот го одражавме во умерени големини - 43,5 проценти и е двојно помал од долгот на Србија, Хрватска и други земји, рече Ставрески.

Дебатата ќе продолжи по редовната пауза. Расправата за буџетот, согласно Собранискиот деловник трае пет дена.