Македонија
28. October 2020 - 16:30

Собранието продолжи со работа, Законот за заштита на населението се уште на комисиска расправа

 Поради работата на Комисијата за здравство на која повеќе од пет часа се дебатира за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести Собранието продолжи да работи по останатите точки од дневниот ред на 19.седница, а точката по овој Закон ќе биде пред пратениците по завршувањето на работата на Комисијата.

За овој Закон, што се носи по скратена постапка и чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, пратениците од владејачкото мнозинство поднесоа пет амандмани, а амандмани имаат и Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја почна седницата со образложение дека Комисијата не ја завршила својата работа и дека ќе продолжат со другите точки.

-Собранието се изјасни по барањето за точката која одлучивте да биде прва. Според процедурите на собранието Комисијата требаше да заврши до почетокот на седницава, но не е завршена. Јас во целост ги разбирам политичките одлуки во партиите и партиските органи, но да разберете дека Собранието работи по процедура и Деловник, истакна Џафери и ја продолжи седницата по другите точки.

На седницата на дневен ред се и измените и дополнување на Законот за инспекцијата на труд, измените на Законот за инвалидски организации, измените и дополнувањета на Законот за научно-истражувачка дејност, по скратена постапка, но и измените и дополнувањата на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од Сурија Рашиди и Никола Мицевски.