Македонија
25. August 2017 - 10:26

Собранието на 4. септември ќе расправа за огласот за нов јавен обвинител

На 12. собраниска седница закажана за 4 септември пратениците ќе расправаат за Предлогот за огласување именување на Јавен обвинител на Република Македонија. Предлогот до Собранието го достави Владата по седницата во вторникот. 

Во образложението Владата на Собранието му предлага именување на нов јавен обвинител имајќи го предвид разрешувањето на Марко Зврлески од 17 август. 

Согласно  член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија" и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник".

Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.

Вчера, Советот на јавни обвинители поради немање кворум за 29 август го одложи назначувањето на вршител на должноста јавен обвинител.

Претседателот на Советот Петар Аневски, изјави дека на 29 август за в.д. шеф на Јавното обвинителство на РМ ќе биде избран обвинител од редот на постојните јавни обвинители во Обвинителството кој времено ќе ја извршува фукцијата до избор на нов јавен обвинител. 

Аневски посочи дека во моментов Зврлевски, кого Собранието на 17 овој месец го разреши од должноста,  го менува обвинителката Лилјана Спасевска.