Македонија
22. July 2021 - 8:45

Собранието ќе расправа за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за „црвените линии“ во разговорите со Бугарија

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на 47. седница на Собранието, која треба да се одржи денеска. На дневниот ред од денешната седница се повеќе предлог закони, како и барања за давање на автентично толкување на членови од повеќе закони.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од скопски Карпош побара резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии „без условувања и барање на изговори“. 

Мицкоски вели дека прифаќањето на резолуцијата од сите политички партии ќе значи единство кое ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но, пред се ќе се зацврстат државните позиции на Македонија.

– Колку што имам информација резолуцијата ќе биде ставена на дневен ред во текот на утрешниот ден. Очекувам поддршка од сите политички партии во Парламентот, без условувања и без демагогии, без изговори, очекувам да се надминеме себе си и да покажеме единство кое што мислам дека во периодот кој следи ќе ни биде многу значајно во процесот на отпочнување на преговори со ЕУ и тоа само ќе ги зајакне на позициите на Македонија како држава, потенцираше синоќа Мицкоски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера изјави дека ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, доколку се користи уставното име на државата. Според него, резолуција во која нема уставно име, нема правна форма.

– Во однос на резолуцијата од првиот ден како министер за надворешни работи се водам од премисата – прво да не се направи штета. И оттука и мојата анализа и мојот став како министер за надворешни работи во однос на прашањето се водеше по тој принцип – кои се бенефитите и која може да биде штетата од тој пороцес. Затоа прво на што повикав е која било резолуција која треба да ги одрази интересите на државата да биде донесена со консензус. Затоа што макотрпно овие месеци изградивме конснезус што ги поминува етничките, идеолошките линии по однос на ова прашање. И тој консензус којшто не често се случува во оваа држава, ни помогна да добиеме речиси ист таков консензус во самата ЕУ, оцени Османи.

Тој апелираше на внимателност таа политика да не добие етничка и партиска димензија, бидејќи, како што рече, може само да ја ослабе нашата позиција.

Премиерот Зоран Заев, пак, ден претходно, изјави дека нема да гласаат за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ за разговорите со Бугарија, доколку остане со името како што е сега поднесена. Притоа, информираше дека разговарале со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да се изнајде решение, при што било заклучено дека процесот треба да продолжи, но, притоа мора на дневен ред да продолжи дискусијата согласно Уставот и Законот.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија синоќа изјави дека Резолуцијата која е креирана од МАНУ, УКИМ и МПЦ зборува за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската историја и нема што да се коригира во неа.

На 15-ти овој месец претседателот на Собранието Талат Џафери од собраниска говорница соопшти дека предложната Резолуција од ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е примена во Парламентот и дека најверојатно материјалите за неа ќе бидат испратени до пратениците и таа би можела да се најде на дневен ред на наредната седница.

Пратениците денеска треба во второ читање да ги разгледаат и предлог законските решенија од повеќе закони, помеѓу кои и Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2021 година, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, Предлог на закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Предлог на закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

По скратена постапка на дневниот ред се и Предлог на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на КОВИД-19, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, Предлог на закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за концесиии и јавно приватно партнерство, Предлог на закон за изменување на Законот за домување, Предлог на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид-19 врз производството и откуп на тутун, Предлог на закон за изменување на Законот за животната средина, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рамномерен регионален развој и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија,

На дневниот ред е и Предлог за именување член на Регулаторната комисија за домување како и првото читање на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Предлог на закон за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење на вработени во Министерството за внатрешни работи и безбедносно разузнавачки служби.