Македонија
9. August 2017 - 18:22

Собранието ќе расправа за разрешување на Зврлевски и после 18 часот

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи расправата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Расправата е прекината по процедуралното барање на пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за пауза од еден час откако до пратениците стигна писмо дека расправата ќе продолжи и после 18 часот.

Претходно, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаа серија реплики на обраќањето на пратеникот Артан Груби од ДУИ иако тој не беше присутен во салата во попладневниот дел од работата на Собранието.

Тие, како што рекоа, бараат разумно објаснување за разрешување на Марко Зврлевски и велат дека никогаш не рекле оти се против тоа. Сметаат дека во моментов има многу побитни теми на кои треба да се расправа како што се мигрантите, пожарите, депонијата во Струга... Повторно побараа да се преиспитаат сомнежите дали во време кога се распишани избори треба да се расправа и да се започне постапка за менување. Според нив, се бара политички мотивирана смена на државниот јавен обвинител, а постапката за негово разрешување треба да запре денеска, а изборот на друг јавен обвинител може да се случи дури по 16 октомври.

Ванковер Манчев од ВМРО-ДПМНЕ  во реплика рече дека државниот јавен обвинител неодамна добил позитивна оценка за својата работа од Собранието на Република Македонија, а во меѓувреме не се случиле некои позначајни работи за да се бара негово разрешување по итна постапка. 

Неговата сопартијка Благица Ласовска побара да се престане со манипулирање на јавност и посочи дека самата дебата е дел од постапка и чинот на гласање е невозможен  и се коси со членот 8а од Изборниот законик. - Не велиме да одиме на одмор туку да работиме и да решаваме многу поважни прашања од оваа за која не можеме да го направиме чинот на гласање, бидејќи веќе се распишани изборите и се прекинува секоја постапка за разрешување и именување, посочи Ласовска.

Во процедурално обраќање Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со денешната расправа се крши Изборниот законик бидејќи, како што кажа, по распишувањето на локалните избори Собранието не може да врши разрешување, а веќе почнатата постапка треба да се стави во мирување. Побара да се прекине расправата по точката на дневен ред и да се продолжи работата со друга точка. На тоа претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека Собранието работи според Уставот и  Деловникот.

Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ во своето излагање посочи дека за да биде валиден предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител треба да содржи факти и аргументи, а не само да му се прикачува етикета дека е несовесен, нестручен и пристрасен. - Праксата никаде не покажува дека со промена на власта треба да се менува јавниот обвинител и да се врши реизбор на судиите. Тоа го нема во ниту една земја во Европа, рече Пемова. 

Хари Локвенец од СДСМ во реплика на нејзииното обраќање укажа на, како што рече, апсурдноста на тоа што го прават колегите од ВМРО-ДПМНЕ.

- На дискусија од пратеник од ВМРО-ДПМНЕ има 30 репликанти од истата партија, рече Локвенец.

Потенцира дека државниот јавен обвинител Марко Зврлевски по 27 април имаше шанса да му даде на Јавното обвинителство можност да работи во интерес на граѓаните, а наместо тоа работеше на заштита на поранешната власт.

Во процедурална обраќање Томислав Тунтев од СДСМ порача дека нема логика пратеник да праќа барање до тело избрано од Собранието да дава мислење дали Парламентот може да расправа за разрешување на државниот јавен обвинител. Најави дека сите пратеници од владејачкото мнозинство ќе се откажат од дискусија за час поскоро да биде избран нов државен јавен обвинител.