Македонија
6. September 2017 - 19:11

Собранието ја заврши расправата за огласот за јавен обвинител

Македонското Собрание попладнево ја заврши расправата по точката за објавување оглас за именување јавен обвинител на Република Македонија, откако беше исцрпена листата на пријавени за дискусија. По ова претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека пратениците дополнително ќе бидат известени за тоа кога ќе биде закажено нејзиното продолжение. 

Пратениците од опозицијата и во попладневниот дел од расправата за огласување именување јавен обвинител на Република Македонија, побараа да се одложи оваа точка за после локалните избори и да се испочитува мислењето на Државната комисија за спречување на корупцијата, според кое, сите постапки за разрешување и именување носители на јавни функции се ставаат во мирување до завршување на изборите.

Според нив, целата постапка, е незаконска, бидејќи како што рекоа, согласно Изборниот законик, до завршување на изборите не смее да ниту да се разрешува и ниту да се вработува.

Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ побара одговор зошто, како што рече, толку насила се тера работата со објавувањето на овој  оглас, кога се знае дека новиот обвинител ќе биде избран после изборите, како и дека стариот обвинител Марко Зврлевски е веќе разрешен. Праша и зошто Владата не препорача оваа дискусија да се прекине.  

Свесно го кршиме Изборниот законик, рече, особено во делот на активностите пред изборите од нивното распишување и не го почитуваме мислењето на Антикорупциската комисија. 

Забележа и на тоа што во моментот додека се одржува оваа собраниска седница, се одржуваат комисии и на три собраниски комисии со многу важни законски решенија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери одговарајќи му, истакна дека закажувањето на седниците на комисиите не е во негова надлежност.

- Надлежноста за свикување седница на комисиите е на претседателите на комисиите. Мојот повик беше претседателите на комисиите да ги свикаат седниците и од понеделник имаа можност да ги свикаат седниците за стартните постапки веднаш, вклучувајќи и во текот на вчерашниот ден во кој ден немаше седница на Собранието. Тоа е сега работа за која што веројатно од колегите пратеници и претседателите на комисиите ќе треба да барате објаснување, рече Џафери.

Додаде дека и неговото барање владиниот претставник да побара да се прекине оваа дискусија не е возможно, затоа што, како што рече, претставник на Владата ниту смее, ниту ќе може да смее да му се обрати на Собранието и да укаже како и што да работи.

- Владата и претставникот на Владата има овластување да претставува предлог и по предлог на Владата да си го повлече предлогот. Тоа е единствена нивна надлежност и никаква друга немаат. Тоа си е нивно право доколку се решат да го повлечат во која било фаза на дебата, ама тоа не зависи од вашето барање, тоа зависи од планот и програмата за работа на Владата, рече претседателот на Собранието.

Ставот на владејачкото мнозинство предводено од СДСМ, е дека не е прекршен ниту еден закон во постапка за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Ги потсетија колегите од опозицијата дека во 2013 година кога биле распишани избори на 11 јануари, веќе на 21 јануари, односно за десет дена, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ го именувала Зврлевски за јавен обвинител и прашаа зошто тогаш не е реагирано за ова.

Марко Зврлевски беше разрешен од функцијата на 17 август на предлог на Владата бидејќи, како што објаснија, тој ненавремено, незаконито и недоволно стручно ја извршувал функцијата. За в.д. јавна обвинителка е избрана Лилјана Спасовска.

На 12. седница се ставени и неколку закони по скратена постапка, како и Предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието.

Владејачкото мнозинство го поддржа предлогот на опозицијата на дневен ред, по скратена постапка да бидат ставени три нивни закони.

По скратена постапка ќе се носи пакет закони предложен од владејачкото мнзоинство. Овие три закони предвидуваат минималната плата да биде 12.000, надоместок за одредена група стечајци и укинување на радиодифузната такса, предложени од владејачкото мнозинство.

Владата предложи по скратена постапка да се носат и измените на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина со којшто, како што меѓу другото кажа министерот за здравство Арбен Таравари, предвидува болниците да одлучуваат кој доктор ќе оди на доусовршување во странство, а не како досега министерот за здравство. 

Собранието за утре го закажа продолжението на петтата седница.